Отворена прекршочна постапка против Полска поради кршење на правото на ЕУ

Официјално денеска е отворена прекршочна постапка против Полска од страна на Европската комисија поради новиот полски закон за судство кој, според ЕК, го прекршува правото на ЕУ и ја поткопува независноста на полските судии, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската комисија смета дека поради овој закон, полските судии нема да можат да применуваат серија одредби на европското право, кое е обврска за сите земји членки на Унијата. Комисијата понатаму оценила дека овој закон овозможува да се врши директен или индиректен политички притисок врз судиите во земјата.

Законот за судство, донесен во декември 2019 година во Полска, предвидува, меѓу другото, поширок основ за дисциплински мерки против судиите, со што, смета ЕК, се зголемува ризикот за политичка контрола врз судството. Според ЕК, оваа одредба го прекршува членот 19 од Повелбата на Европската унија.

Европската комисија негодува и за одредба на законот која ги обврзува судиите да обелоденуваат информации за нивните активности кои не се поврзани со нивната професија, со ова се прекршува правото на заштита на приватност, смета ЕК.

Полската Влада има два месеца од денеска да одговори на ова писмо. Доколку понуди убедливи аргументи или воведе задоволителни промени, Европската комисија може да ја повлече процедурата. 

Треба да знаете
Последни објави