Нешто повеќе од 57 отсто од српските граѓани веруваат дека владата презела соодветни мерки во борбата против епидемијата на коронавирус, а 63 отсто сметаат дека поради епидемијата треба да се одложат изборите за есен, покажаа резултатите според анкетата на Новата српска политичка мисла (НСПМ) објавена во неделникот Време.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во телефонската анкета од 16-25 април, 27,5 отсто од испитаниците оценија дека владата прво доцнела, а потоа претерано реагирала со мерките против епидемијата. Мерката за забрана за движење за пензионерите и повеќедневниот карантин ја поддржаа 55,8% од анкетираните, 33,7 отсто се изјаснија против, додека околу 10% не знаеја како да одговорат или немаа мислење.
Нешто помалку од 40 отсто од граѓаните изјавиле дека веруваат во официјалните извештаи за бројот на болни и починати, додека околу 38 отсто кажаа дека не веруваат.
Резултатите покажаа и дека две третини од граѓаните сметаат дека изборите треба да бидат одложени за есен.
На прашањето да ги оценат политичарите во Србија, испитаниците на српскиот претседател Александар Вучиќ му дадоа просечна оценка од 3,16, на премиерката Ана Брнабиќ 2,95, а на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ 2,86.
Доколку изборите се распишат следната недела, на нив сигурно би излегле 53,9 отсто од анкетираните, можеби би излегле 11,9 отсто, а 19,5 не би гласале.
Од оние кои сигурно би гласале, не сметајќи ги оние што не се изјаниле, 57,6 отсто би гласале за коалиција околу Српската напредна партија (СНС), нешто помалку од 12 отсто за коалицијата на Социјалистичката партија (СПС-ЈС), околу 7,2 проценти за Сојузот за Србија (СзС), за радикалите 2,7 и за СПАС на Александар Шапиќ 2,5 отосто.
Земајќи ги предвид сите граѓани, без оние кои нема да гласаат, 41,6 отсто би гласале за коалицијата на СНС, 11,2 отсто за СзС, за коалицијата СПС-ЈС се 10, Движењето за слободни граѓани и СПАС со по 3,4 и за радикалите 3,1 отсто.
На прашањето дали живеат подобро денес отколку пред пет години, 46,7 од граѓаните оценија дека живеат исто, нешто помалку од 25 отсто кажаа дека живеат подобро, додека 26 отсто сметаат дека живеат полошо денес отколку пред пет години.
Поделбата на Косово според која на Србија би и припаднале општините на северот, а на Приштина местото во ООН и меѓународно признание подржуваат 22 отсто од граѓаните, додека 60 отсто се против таквата опција.