Важно е и во услови на вонредна ситуација поради епидемијата на коронавирусот да се одржи самитот на Европската унија со земјите од Западен Балкан, се сложија министерот за надворешни работи на Словенија Анже Логар и неговиот германски колега Хајко Мас.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, министрите неколку часа разговарале преку видео врска за актуелните случувања во унијата, но и за односите со Западен Балкан. Мас кажал дека соработката на ЕУ со овие земји е многу важна и дека овие земји, секако вклучувајќи ја и Северна Македонија, ќе добијат помош за полесно да справат со последиците од епидемијата на коронавирусот.
– Покажавме дека и во овие тешки времиња овие земји можат да се потпрат на нас, потенцирал Мас.
Двајцата политичари разговараа и за отворањето на внатрешните и надворешните граници на унијата. Се сложиле дека не е време за популистички, туку за научно оправдани решенија, бидејќи и мала грешка може да значи повторно зголемување на бројот заразени.
Мас и Логар се сложиле дека е потребно „европско решение” за динамиката на отворање на границите и дека наредните денови ќе треба интензивно да се работи на решавањето на ова прашање.