Состојба со Ковид-19 во светот до 20 часот

Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 3.188.027 лица. Од нив починале 225.606, а оздравеле 986.473 луѓе.

– Во Швајцарија од 11 мај ќе се олеснат мерките воведени со цел спречување на ширењето на Ковид-19, изјави претседателката на земјата Симонета Сомаруга.

– Жена од Белгија, која минатиот викенд наполни 100 години, закрепна од Ковид-19 и е пуштена од болница.

– Заштитната опрема е дизајнирана како унисекс, но се поголем е бројот на забелешки од британските здравствени работници дека таквата опрема не секогаш им одговара на жените.

– Одговорот на претседателот на САД Доналд Трамп на пандемијата на коронавирусот претставува продолжение на долгогодишната пракса на неговата администрација да се подрива мислењето на експертите поради политички цели, пишува Њујорк Тајмс.

– Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб оцени дека втор бран на епидемија на коронавирусот би претставувал вистински ризик и најави дека вонредните мерки нема да бидат олеснети се додека Владата не биде сигурна дека втор бран може да се избегне.

– Во Велика Британија од коронавирусот досега починале 26.097 лица. Заразени се 165.221 луѓе.

– Мерките против новиот коронавирус што ги презема СЗО, како дел од системот на ОН, беа брзи и навремени, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Статистичките бројки за епидемијата на коронавирусот во Италија покажуваат дека продолжува бавно и постепено смирување на заразата. Во денешното соопштение на италијанската Агенција за цивилна заштита се вели дека бројот на починати денеска е 323 и помал од вчерашните 382, а бројот на новозаразени денеска изнесува 2.086, наспроти 2.091 колку што беа вчера. Вкупниот број на починати во Италија изнесува 27.682 и земјата е на второ место после САД.

– Финска на 14 мај повторно ќе ги отвори основните училишта кои беа затворени на 18 март поради пандемијата.

Треба да знаете
Последни објави