(Видео) Американскиот потпретседател одби да стави маска во клиника каде тоа е задолжителна процедура

За време на посетата на клиниката Мајо, американскиот потпретседател Мајк Пенс во вторникот ја игнорираше мерката за задолжително носење маска, во време кога САД бележат повеќе од милион потврдени случаи на инфекција.

Клиниката во Минесота, позната како непрофитен истражувачки и болнички центар, на „Твитер“ објави дека пред неговата посета го известила потпретседателот за правилото за задолжително носење маска. Овој пост, во меѓувреме, беше избришан.

„Дел од нашиот протокол за безбедност е да побараме од сите пациенти, посетители и вработени да носат маска додека се наоѓаат на клиниката Мајо за да се спречи ширење на Ковид-19“, стои на страницата на оваа здравствена установа. Оваа мерка е на сила две недели.

За време на делот од посетата што беше отворен за медиумите, беше очигледно дека сите освен Пенс носат маска. Тој подоцна рече дека на ваков потег се одлучил бидејќи секојдневно е тестиран за коронавирус.

„Бидејќи немам коронавирус, мислев дека ќе биде добра можнот да отидам таму, да разговарам со овие истражувачи и неверојатен медицински персонал, да ги погледнам во очи и да им се заблагодарам“, рече потпретседателот на САД.

Според најновите податоци, бројот на починати Американци од пандемијата на коронавирус надмина 59.220 лица, со што се надминува бројот на убиени Американци за време на војната во Виетнам, додека бројот на заразени со Ковид-19 во земјата надмина еден милион.

Треба да знаете
Последни објави