Во мај вебинар во организација на Стопанската комора за влијанието на Ковид-19 врз осигурителниот бизнис

Интегрален текст од видео-изјава од м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

„Како што беше соопштено пред неколку дена, Стопанската комора на Македонија набави опрема и обезбеди пристап до еден од најквалитетните „онлајн“-софтвери за видео-конференциски врски. Согласно најавеното, Комората, во соработка со Управата за јавни приходи, веќе ја реализираше и првата „онлајн“-обука за компаниите.

Но, не застануваме тука. Во оваа прилика сакаме да најавиме дека во мај Стопанската комора на Македонија ќе организира вебинар на тема: „Влијанието на Ковид-19 врз осигурителната индустрија, тековни трендови и изгледи за иднината“.

Друштвата за осигурување во земјава се генерално добро капитализирани и користат софистицирани напредни методи за управување со ризици, кои треба да им помогнат да ги издржат ударите поврзани со Ковид-19. Имајќи го предвид значењето на осигурувањето во обезбедување заштита на поединци, домаќинства и деловни субјекти, регулаторните тела преземаат активности за одржување на финансиското здравје на друштвата за осигурување, давајќи придонес во одржувањето на стабилноста на целиот финансиски систем.

Но, пандемијата остава сериозни последици врз глобалната економија и финансиските системи, а во тој контекст и врз друштвата за осигурување. Оттука, важно е да се има јасен увид во моменталните последици и идните предизвици од влијанието на Ковид-19 врз осигурителниот сектор. Затоа, темата на овој вебинар е многу актуелна и ќе се дискутира за прашања од типот: Каков треба да биде регулаторниот и супервизорскиот одговор, сега и подоцна? Колку Ковид-19 ќе ја промени иднината на бизнис-моделите во осигурувањето? Каква е подготвеноста на посредниците во осигурувањето и кои треба да бидат идните чекори?

За оваа цел, говорници на овој вебинар ќе бидат познати имиња од светот на осигурувањето од Европа и САД, директори на супервизорско тело на осигурувањето од Словенија и на биро за осигурување од Хрватска, како и претседателот на Здружението на финансиски организации при Стопанската комора на Македонија. Вебинарот е инициран и на него ќе биде воведничар Климе Попоски, поранешниот претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во нашата земја, а сегашен член на Собранието на Стопанската комора.

Се очекува бројно учество на вебинарот од страна на осигурителните компании од земјава, посредници во осигурувањето, како што се брокерските друштва и банките, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Министерството за финансии, Националното биро за осигурување, како и на високи претставници на агенциите и телата за супервизија на осигурувањето од повеќе земји од непосредното, но и поширокото опкружување на земјава.

Очекуваме настаните, како што е овој вебинар, да станат редовна пракса во идното работење на Стопанската комора на Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека опремата и софтверот со коишто располага Комората можат да бидат изнајмени и самостојно користени од компании-членки на Комората, но и од други компании.

 

Треба да знаете
Последни објави