Германските власти им пoрачуваат на своите граѓани да не патуваат во странство до средината на јуни

Германското Министерство за надворешни работи ја продолжи препораката до германските граѓани да не патуваат во странство, соопштено е пред состанокот на германската влада во средата.

„Министерството за надворешни работи до Владата достави заклучок за продолжување на препораката до граѓаните да не патуваат во странство“, рече германскиот комесар за туризам на Владата, Томас Бареис, во интервју за јавниот сервис БР.

Препораката важи до понатамошно известување, но најмалку до средината на јуни.

Интернетскиот портал на неделникот „Дер Шпигел“ известува дека до средината на јуни Германија, заедно со соседите во ЕУ, треба повторно да ја разгледа ситуацијата.

Препораката до граѓаните да се воздржат од патување во странство е оправдана со фактот дека нормалното патување во овој момент не е можно во секој случај.

„Шпигел“ понатаму пишува дека одлуката била проследена со страв од Министерството за надворешни работи дека доколку се повлече препораката, владата повторно ќе мора да организира воздушни мостови во случај граѓаните да не можат да се вратат во Германија.

Во последните неколку недели германската влада врати повеќе од 250.000 свои државјани преку специјални летови за Германија.

Државниот секретар во Министерството за економија и комесар за туризам Бареис ги намали очекувањата дека патувањето во странство е можно ова лето.

„Патувањето на долги патеки сигурно нема да биде можно во блиска иднина. Мислам дека оваа година одморот во Германија е најреална опција“, рече Бареис.

Треба да знаете
Последни објави