Здружение на судии: Судиите да издвојат минимум 20 проценти од својата плата за справување со коронавирусот

Судиите во Република Северна Македонија да издвојат најмалку 20 проценти од нивната плата за месеците април и мај 2020 година за сметка на Солидарниот фонд за справување со вирусот Ковид-19.

Оваа одлука ја донесе Управниот одбор на Здружението на судиите во форма на препорака, и истата судиите треба да ја спроведат на индивидуална и доброволна основа.

Од УО на Здружението нагласуваат дека со ова ќе биде исполнета декларираната заложба на судиите, за учество во намалувањето на последиците од пандемијата и порачуваат оваа активност да се спроведена преку подружниците на Здружението на судите, во соработка со претседателите на судовите и судиите.

– Судиите, подружниците на Здружението на судии, и во целиот овој процес беа раководени од принципот на законитост, солидарност и пропорционалност односно сразмерност, се вели во соопштението на Управниот одбор на Здружението на судиите.

Тие информираат дека на денешната седница на Управниот одбор на Здружението на судиите, преку мејл/телефонска комуникација, била разгледана Одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, т.е Решението за поведување на постапка за oценување на уставноста и законитоста, со времена мерка, на член 2 став 3, во врска со членот 3, од Уредбата со Законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба од 7 април 2020 година.

– Управниот одбор ја акцептира сериозноста на состојбата во која се наоѓа Република Северна Македонија, по објавената вонредна состојба предизвикана од пандемија на вирусот Ковид-19, и во таа насока, во целост ги подржува активностите на Владата и останатите релевантни институции, во насока на изнаоѓање на креативни и функционални решенија за ублажувања на последиците од ваквата состојба, притоа изразувајќи особена почит и благодарност кон здравствените работници, за нивната пожртвуваност и секојдневно ризикување на нивните животи, за нас и нашите семејства односно сограѓани, порачуваат од Управиниот одбор на Здружението на судии.

Треба да знаете
Последни објави