Во САД се направени околу 5,7 милиони тестови за коронавирусот за два месеци, а претседателот Доналд Трамп најавува дека наскоро ќе се прават пет милиони тестови на ден.
Двете причини зошто САД имаат толку голем број потврдени случаи на коронавирус се големата популација од околу 330 милиони луѓе и големиот број тестови што ги прават, пренесува „Би-би-си“.
Околу 5,7 милиони тестови се извршени во САД во изминатите два месеци. Овие бројки изгледаат високи, но според научната онлајн публикација за податоците во светот, САД направиле 16,3 тестови на 1.000 лица, што е помалку од Италија каде што биле направени 30,6 тестови на 1.000 луѓе.
Трамп најави дека САД наскоро би можеле да извршат дури пет милиони тестови на ден и дека тоа ќе се случи многу наскоро.
Сепак, неговите процени се оптимистични, забележува „Би-би-си“, додавајќи дека во САД тестираат 200.000 лица во моментов.
Критериумите за тестирање во САД варираат од држава во држава. Ограничениот број на тестови значи дека приоритет им се дава на хоспитализираните пациенти, здравствените работници и лицата сместени во домовите за социјална заштита или во затворите.



