Димитров по повод Денот на МНР донира маски и визири на Црвениот крст

Министерот за надворешни работи Никола Димитров по повод 29 Април – Денот на Министерството за надворешни работи донираше маски и визири во Црвениот крст на Северна Македонија.

– Министерството за надворешни работи деновиве организираше транспорт на медицинска помош од Пекинг до Скопје, од која еден дел – 10.400 заштитни маски и 1.000 визири, кои преку Црвениот Крст на Северна Македонија ќе стигнат онаму каде што се најпотребни, истакна Димитров.

Наведе дека денешните предизвици соодветствуваат на жедта за солидарност и поддршка, и како што рече, ние како Министерство, но и македонските граѓани, со помош на нашите пријатели правиме се да се справиме со оваа неволја и глобално бреме.

– Денес, кога се одбележува Денот на МНР – 29 април, би сакал да ја реафирмираме нашата, но и мисијата на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст која надминува граници, подава рака на солидарност и гради мостови на пријателства и сојузништва, изјави Димитров.

Тој им посака издржливост и истрајност на сите сограѓани кои се во првите борбени редови во борбата против коронавирусот, и изрази надеж дека со оваа донација ќе се придонесе за нивната заштита и сигурност.

– Со оглед на приликите, оваа година нема да биде одржана традиционалната прослава со која требаше да се одбележи 51 година од формирањето на Бирото за односи со странство, но вондредните околности не го прекинаа традиционалното доделување на наградата „Дипломат на годината”, рече Димитров.

Шефот на дипломатијата истакна дека оваа година, по првпат наградата ќе биде доделена на повеќе дипломати, поради, како што рече, извонредно работеле во вонредни услови.

– Срдечни честитки на Елеонора Тодоровска, Миа Димитровска, Јумни Сали, Драган Богдановски, Агим Муртезани, Срѓан Хаџи-Николов, Катина Георгиев, Бекри Ајдини, Бони Цветановскa, Сашка Талевска, Решат Бериша, Есат Велиу, Марјан Софрониески, Синиша Иванковиќ, Атина Ничоска и Сузана Тунева. Благодарност до овие членови на Кризниот штаб при Министерството, кои неуморно и посветено се справуваа со предизвиците при репатријацијата на македонските граѓани, кои беа затекнати во странство поради пандемијата. Честитки до нив и до сите дипломати, моите драги колеги во МНР и во нашите ДКП-а, за нивниот придонес во развојот на македонската дипломатија. Нека ни е честит Денот на Министерството за надворешни работи!, истакна министерот.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити ја прими и се заблагодари за донацијата во името на вработените на МНР, истакнувајќи дека во овој момент повеќе субјекти во државата во услви на светска пандемија се во иста мисија – за помош и поддршка на луѓето на граѓаните на нашата држава.

Истакна дека донацијата ќе биде дел од севкупте напори на Црвениот крст за да се излезе во помош на сите граѓани и инстуции кои имаат потреба од ваква помош во моментот.

– Дел од овие заштини маски и визири ќе бидат искористени за нашите волонтери кои секојдневно се на терен и вршат многу корисна работа во моментот и помагаат на многу наши граѓани, но секако дека дел од опремата ќе биде дистрибуирана на нашите граѓани низ активности кои ќе ги организираме во наредниот период на терен, со цел да бидеме дел од сите напори што се прават во смисла на подобрување на заштитата на нашите граѓани и подобрување и подигнување на здравствената култура на повисоко ниво, рече Саити.

Тој во името на Црвениот крст го честиташе Денот на МНР, и на сите дипломати кои беа наградени како и на сите вработени во Министерството, а упати честитки и за напорит кои, како што рече, Министерството ги прави за промоција на нашата држава и за постигнување на стратешките цели на нашата надворешна политика.

Треба да знаете
Последни објави