Дополнителни 330.000 долари од САД за справување со Ковид-19 во земјава

Соединетите американски држави преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), доделија дополнителни 330.000 американски долари за справување со КОВИД-19 во земјава преку грант за Црвениот крст на Северна Македонија.

Грантот на УСАИД од 330.000 американски долари за Црвениот крст се дополнување на помошта од 1,1 милион американски долари од Владата на САД доделени на Северна Македонија за намалување на ширењето на КОВИД-19, соопшти УСАИД.

Со овој грант ќе им се помогне на најранливите заедници во општеството чијшто секојдневен живот е крајно загрозен од вирусот, вклучувајќи ги старите лица, лицата со попреченост, самохраните родители и семејствата со ниски приходи како и оние кои живеат во затворени заедници.

Во следните три месеци, Црвениот крст на Северна Македонија ќе дистрибуира 4.200 пакети со храна, 4.200 пакети со средства за хигиена, 3.000 пакети со средства за дезинфекција и 1.000 пакети за бебиња.

УСАИД исто така ќе му помогне на Црвениот крст да го зголеми опсегот на своите услуги за социјално и ментално здравје, кои се достапни на целата јавност. Црвениот крст ќе обучува волонтери во своите 33 локални центри за да им помогне на сите што се соочуваат со стрес или други социјални предизвици за време на кризата.

– Во име на Соединетите американски држави, чест ми е што можеме да оствариме партнерство со Црвениот крст за да обезбедиме помош за ранливите групи погодени од Ковид-19. Овие напори на Црвениот крст претставуваат „солидарност на највисоко ниво”, како што изјави претседателот Пендаровски неодамна. Почестена сум бидејќи САД можат да бидат дел од солидарноста заедно со Црвениот крст и сите останати кои колективно се справуваат со Ковид-19, рече амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити го поздрави новото партнерство со УСАИД за поддршка на работата што ја извршуваат волонтерите во справувањето со предизвиците од КОВИД-19.

– Со помош на УСАИД ние ќе ја зајакнеме поддршката за волонтерите со тоа што ќе им обезбедиме дополнителни психолошко социјални услуги и засилена заштита од изложеност на вирусот. Подеднакво важни за нас и нашите волонтери ќе биде проширувањето на психосоцијалните програми за граѓаните и помош со храна и средства за хигиена за членовите на заедницата кои ги загубија своите работни места како резултат на економската криза предизвикана од КОВИД-19, како и корисниците на социјална помош, лицата со попреченост, самохранитеродители, постари и изнемоштени лица и бездомници, рече тој.

Додаде дека Црвениот крст ќе продолжи тесно да соработува со Министерството за труд и социјална политика за да ги идентификува и да им излезе во пресрет на оние што имаат најмногу потреба во ова време

Во изминатите 20 години, САД имаат инвестирано над 11,5 милиони американски долари само за здравството и повеќе од 738 милиони американски долари вкупна помош за Северна Македонија. Со децении, САД обезбедуваат најголема билатерална помош во јавното здравство во светот. Од 2009 година, од парите на американските даночни обврзници одвоени се повеќе од 100 милијарди долари здравствена помош и скоро 70 милиони американски долари хуманитарна помош. Бидејќи заканата од заразни заболувања е закана за сите, САД ги повикуваат другите доатори да придонесат во глобалните напори за борба против Ковид-19, стои во соопштението на УСАИД.

Треба да знаете
Последни објави