Запрашана за вонредната состојба во Унгарија, еврокомесарката за правда, Вера Јурова, на денешната прес конференција во Брисел порача дека текстот на закон сам по себе не претставува проблем, но дека Комисијата е посебно внимателна поради унгарскиот контекст, јави дописничката на МИА од Брисел.
Законот со кој се воведува вонредната состојба во Унгарија поради кризата со коронавирусот предизвика бурни реакции во јавноста и граѓанското општество, но Европската Комисија оценила дека сам по себе закон не е проблематичен, проблем е унгарскиот “контекст”, рече Јурова.
-Вонредната состојба во Унгарија привлече поголемо внимание, но кога го прочитавме законот сам по себе не видовме потреба за отворање на прекршочна процедура за сега, следиме што прави владата, како ги користи своите дискрециони права, но неизбежно е законот да го читаме во одреден контекст, во Унгарија и пред коронавирусот бевме многу загрижени за состојбата, рече Јурова.
Еврокомесарката вети дека од блиску и на дневна база ги следи случувањата во оваа земја.
-На многумина им ветив дека ќе преземеме радикални чекори кон Унгарија, ќе вршам проактивен мониторинг, имам постојан пристап до информации и активно ја набљудувам состојбата.