Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека e донесена Одлука за избор на програми, проекти и активности кои ќе се финансираат од Програмата за инвестирање во животната средина за 2020 година, а резултатите се објавени во „Службен весник на РСМ” број 108 од 24 април 2020 година.
– Во исто време, во тек е потпишување на договори за поддршка на општините. Се потпишуваат договори со 18 општини кои конкурирале на Конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2020 година, во делот за „Изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води”. Висината на доделените средства за оваа намена изнесува 35 милиони денари, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Министерството посочува дека и покрај вонредните услови за работа заради справување со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19, тоа продолжува да ги реализира своите активности и продолжува да ги исполнува обврските согласно законите од областа животна средина и обезбедува финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти за заштитата на водните ресурси и животната средина во државата.