Формирањето заеднички пратенички клуб на Демократската партија (ДС) и Социјалдемократската партија (СДС) може да биде чекор кон ново групирање на опозицијата во Србија, каде стожер или клучна фигура би бил поранешниот претседател и лидер на СДС, Борис Тадиќ, објави белградскиот весник Данас.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Данас повикувајќи се на извори во политичките и безбедносни кругови, објави дека Тадиќ неодамна во Вашингтон се сретнал со американскиот советник за национална безбедност Роберт О’Брајан и во таа прилика наводно му било кажано дека би било добро српската опозиција да се прегрупира и да излезе на претстојните избори, а да тој, како поранешен претседател на Србија и на ДС, биде нејзин стожер.
Тадиќ, како што наведува весникот, во почетокот на март остварил серија состаноци со официјални лица во Вашингтон во име на организацијата Мадридски клуб, која обединува 90 поранешни шефови на држави и влади од 60 држави и преставува најголем светски форум од ваков вид.