Пораката, препораката и кампањата на грчката Влада „Остануваме дома”, што започна на 13 март годинава, сега, го отстапува местото на новиот слоган „Остануваме безбедни”, што ќе ја одбележи новата фаза во која Грција, влегува од понеделник со постепено враќање во ново секојдневие, јави дописничката на МИА од Атина.
Кампањата „Остануваме безбедни” од доцна синоќа, од министрите од грчката Влада, како и од самиот Мицотакис веќе започна на социјалните мрежи.
Пораката е пропратена со илустрација на трите најважни препораки за граѓаните: често миење раце, два метри растојание и користење заштитна маска.
-Мај не е март. Тогаш требаше да го одбраниме нашето здравје и да спасиме животи, останувајќи дома. А сега сме повикани, да се вратиме методично, постепено, на некои од нашите познати активности. Нашиот нов слоган е „Остануваме безбедни”. Излегуваме од дома, но секогаш остануваме одговорни, порача вчера Мицотакис во неговата порака до граѓаните, обраќањето го заврши, уште еднаш повторувајќи го новиот слоган.