Според Регионалниот економски извештај (РЕИ), кој Светска банка го објави денеска, Северна Македонија се очекува да влезе во рецесија во 2020 година со прогноза за негативен раст на земјата додека и понатаму се соочува со економските влијанија на пандемијата на вирусот Ковид-19.
Растот во земјата за 2020, според извештајот, се прогнозира да биде меѓу -1,4 и -3,2 проценти – во кој се дава основно и неповолно сценарио во однос на високата несигурност што ја носи пандемијата.
– Во основното сценарио се претпоставува дека епидемијата во Европа ќе почне да забавува доволно брзо за мерките за ограничување да бидат укинати до крајот на јуни и во втората половина на 2020 година да може да почне постепено закрепнување. Неповолното сценарио претпоставува дека епидемијата опстојува и мерките за ограничување може да се укинат дури на крајот на август, а економската активност да се врати дури во последниот квартал на 2020 година, е наведено во извештајот.
Регионот на Западен Балкан се очекува да влезе во рецесија во 2020 година, при што се предвидува сите шест држави дека ќе имаат негативен раст, бидејќи тие продолжуваат да се справуваат со економските влијанија на Ковид-19 пандемијата. Регионалниот раст во регионот на Западен Балкан се предвидува да биде меѓу -3 и -5,6 проценти.
– Интензитетот на рецесијата зависи од траењето на пандемијата во Европа. Иако е тешко да се предвиди економското влијание на тековната пандемија во регионот, нема дилема дека оваа пандемија предизвикува штети врз животот во регионот, главно погодувајќи ги здравствените системи, парализирајќи ја економската активност и подривајќи ја добросостојбата на луѓето, вели Линда Ван Гелдер, директорка за Западен Балкан во Светска банка, додавајќи дека на среден рок, во регионот, се очекува забрзување на растот со постепеното враќање на економската активност во нормала, но тоа зависи и од должината и од интензитетот на тековната криза, како и од тоа какви чекори ќе преземат креаторите на политиките за справување со оваа пандемија.
Според извештајот на Светска банка, рецесијата во Северна Македонија, како и во сите земји на Западен Балкан ќе биде предизвикана од значителниот пад како на домашната, така и на надворешната побарувачка во текот на пандемијата. Преработувачката индустрија, заедно со туризмот, трговијата и недвижностите се најлошо погодени, а економијата се соочува со намалување во вториот квартал од дури 11,5 проценти. И ограничувањето на патувањата и мерките за социјално дистанцирање имаат негативно влијание врз услугите кои сочинуваат околу 50 проценти од вкупната вработеност во земјата. Се предвидува и намалување на дознаките од странство, бидејќи работниците во дијаспората ги губат своите работни места во земјите каде што работат или имаат пониски приходи.
Главниот ризик за сите земји во Западен Балкан е дека продолжената пандемија како и подлабоката рецесија во Европската Унија би можеле да предизвикаат тешко контролирање на оваа економска криза.
– Брзи, смели и внимателно обмислени мерки за ублажување можат да ги ограничат социјалните и економските влијанија на кризата, но тие треба да ги земат предвид условите во земјата и несигурноста околу должината на траењето на кризата. Северна Македонија веќе издвои околу два процента од вкупниот БДП за поддршка на домаќинствата и бизнисите, но може да биде потребно повеќе, доколку пандемијата и понатаму ја забавува економската активност во земјата и регионот. Плановите за членство во НАТО и почнувањето на преговорите за пристапување во ЕУ, објавено на 25 март, би требало да ги поттикнат како реформите така и довербата на инвеститорите, трасирајќи го патот за побрзо економско закрепнување откако ќе заврши кризата, се вели во извештајот.
Таму стои дека објавените краткорочни мерки се неопходни и усогласени со одговорите на политиките во земјите на ЕУ.
– Меѓутоа, повеќе луѓе во Западен Балкан зависат од самовработување, работа на определено време и од приходи од неформални активности. Овие групи се ранливи од кризата, но тешко е да се поддржат преку конвенционалните мерки. До средината на 2020 година, Северна Македонија треба да остане фокусирана на справување со пандемијата обезбедувајќи медицински материјали и кадри, воведувајќи мерки за ограничување за да се забави ширењето на вирусот и да се намали оптоварувањето на здравствениот систем. Истовремено, земјата треба да се стреми кон фискална стабилност, да обезбеди пристап до финансии и да ги заштити луѓето и бизнисите, се наведува во извештајот.
Според извештајот, дополнителна поддршка – добро прилагодена на локалниот контекст – може да биде потребна за да се поддржат ранливите групи во земјата.
– Имајќи ја предвид несигурноста околу траењето на кризата, креаторите на политиките во Северна Македонија и насекаде се соочуваат со дилема – искористувањето на целокупниот расположлив фискален простор за ублажување на директните влијанија може да биде многу неефикасно ако кризата потрае. Поради тоа, политиките треба да се калибрираат за да се ублажат директните влијанија, да се изврши прилагодување на новата реалност што може да се појави и да се остави простор економијата да се подготви за закрепнување, стои во извештајот.
Овој извештај се фокусира на макроекономските влијанија на Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, утврдувајќи ги условите за дополнителна анализа. Серија белешки на Редовниот економски извештај што ќе се однесуваат на влијанијата врз конкретни економски области, социјални сектори и врз сиромаштијата и дистрибуцијата на приходите во регионот ќе биде објавена преку електронски настан што следи во мај.