Сугарески: Граѓаните да не купуваат или резервираат авиобилети, штом ќе се создадат услови за отворање на аеродромите јавноста ќе биде известена

Транспортот на стоки и услуги во ниеден момент, освен случајот до пред извесен период со Република Турција, нема никакви проблеми. Тоа беше добро координирано и со МНР и со МВР за проблемите на границите низ Европа, истакна вечерва министерот за транспорт Горан Сугаревски во интервју на 24 Вести.

– Железничкиот, посебно товарниот и патничкиот сообраќај согласно и она што значеше дозволи коишто ги бараше ДЗСИ течеше без никаков проблем. Сите проблеми што се појавуваа целосно ги надминувавме во делот на соработка и со здруженијата и асоцијациите на транспортерите, така што тој се одвиваше без проблем, потенцираше Сугаревски.

Во однос на авиотранспортот, министерот информираше дека субвенции за авиокомпаниите се исплаќаат за она што го имаат работено претходно и дека ќе се исплаќаат понатаму кога ќе се заврши вонредната состојба и кога „Визер” ќе продолжи со редовните и со субвенционираните линии.

– Во моментот, согласно одлуката на Владата суспендирани се летовите на „Визер”. Известени се уште на 15-16 март, тогаш се застанати сите летови. За овој период согласно договорот ние нема како да исплаќаме и за што да исплаќаме како држава. „Визер” има четири субвенционирани летови од Охрид и четири субвенционирани летови од Скопје, појасни Сугаревски.

Тој апелираше граѓаните да не купуваат или резервираат билети и нагласи дека штом ќе се создадат услови за отворање на аеродромите Владата и ресорното Министерство ќе ја извести јавноста за да може да ги резервираат билетите.

– Се друго што читате тоа се лажни вести. Ние уште немаме одлука за кога и како. Се надеваме дека тоа ќе биде најбрзо, меѓутоа за тоа проценка треба да направи Штабот и Владата согласно препораките коишто ги дава Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, информираше ресорниот министер.

Треба да знаете
Последни објави