Енормен пад на шпанската,француската и италијанската економија

Бруто домашниот производ на Франција се намали за 5,8% во првиот квартал, 5,2% во Шпанија и 4,8% во Италија во однос на претходните три месеци, што претставува најголем пад откако канцелариите за статистика започнаа со објавување на податоците.

Така, Франција е технички во рецесија, бидејќи БДП се намалува за втор квартал по ред.

Падот во првиот квартал е најголем по Втората светска војна, поголем од оној во второто тримесечје од 1968 година кога активноста „потона“ за 5,3 проценти како резултат на граѓански немири, студентски протести и генерален штрајк.

Од 17 март, 67 милиони Французи не ги напуштаат своите домови, освен ако не мора да одат на шопинг или работа или имаат потреба од медицинска помош.

Потрошувачката, главен двигател на економијата, се намали за 6,1 процент во првиот квартал во однос на претходните три месеци, а инвестициите на компаниите за 11,4 проценти.

Почетокот на укинување на блокадите насочени кон спречување на ширењето на вирусот е најавен на 11 мај, при што владата очекува остри скокови на невработеноста и банкроти во наредниот период.

Париз проценува дека економијата ќе се намали за најмалку осум проценти оваа година, туркајќи преку парламентот кризен пакет од 110 милијарди евра по итна постапка, четири проценти од бруто домашниот производ (БДП) за да им помогнат на бизнисите и работниците.

ИНСЕЕ оцени на крајот на март дека економската активност е на околу две третини од нормалното и дека владата ги субвенционира платите на половина од вработените во приватниот сектор за да спречи масовни отпуштања.

Падот на БДП на Шпанија за 5,2 проценти во првиот квартал во однос на претходните три месеци е најголем од 1970 година, кога заводот за статистика ИНЕ започна да објавува извештаи.

Шпанија е меѓу земјите кои се најтешко погодени од пандемијата, со повеќе од 24.000 смртни случаи предизвикани од „Ковид-19“. Мадрид се обидува да го спречи ширењето на коронавирусите со мерки што се меѓу најстрогите во светот.

Централната банка предвидува дека економијата би можела да се намали дури 12,4 проценти оваа година, во зависност од туризмот. Очекува закрепнување во 2021 година, со проценета стапка на раст од најмалку 5,5 проценти.

Италијанската канцеларија за статистика наведува дека проценетиот пад на економијата од 4,7% во првиот квартал е најголем од почетокот на следењето од првиот квартал од 1995 година.

Падот ги одразува негативните трендови во сите сектори, вклучително и земјоделството, шумарството и рибарството, индустријата и услугите.

Споредено со истиот период лани, БДП падна за 4,8 проценти.

ИСТАТ предупредува дека собирањето на податоците за целите на пресметките е отежнето поради кризните мерки и очекува дека ревизијата на проценките ќе биде поголема од вообичаеното.

Според достапните податоци, економијата треба да се намали за 4,9 проценти во текот на 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави