Инспекторот од АФПЗРР фатен со 600 евра поткуп е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ

Радовишката полиција поднесе кривична пријава против Игор Гоцевски, вработен во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој за сторено кривично дело примање поткуп. Пријавата е процесуирана во Јавното обвинителство во Струмица.

Инаку, Игор Гоцевски е истакнат партиски кадар на ВМРО ДПМНЕ, член на општински извршен одбор во Струмица и раководител на партискиот сектор за аналитика.

Гоцевски користејќи ја својата позиција во Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој сакал да изнуди 600 евра од земјоделец од радовишкото село Бучим. Имено, земјоделецеот добил субвенции од државата и му била направена контрола, но потоа телефенски му се јавувал Гоцевски со закана дека ако не му ги исплати парите ќе направел записник во кој ќе констатирал неправилности во користењето на субвенциите и така ќе го спречел во иднина да не може да се пријавува на повиците за субвенции во земјоделството.

Соочен со стравот да не остане во иднина без субвенции, земјоделецот од Радовиш го пријавил Гоцевски во полиција. Таа пак кримтехнички обработила 36 000 денари, износ кој потоа пријавувачот го предал на службеникот во Агенцијата. Малку подоцна, полицијата го сопрела мерцедесот на Гоцевски, а кај него биле пронајдени обележаните банкноти. Тоа било доволно полицијата да го потврди кривичното дело поткуп и да му поднесе пријава.

Според фоготграфиите на интернет, Гоцевски е очигледно близок со раководната структура на ВМРО ДПМНЕ и со лидерот Христијан Мицкоски. На некои од фотографиите Гоцевски е сликан со пратеникот од Струмица, Пишев, со кандидатката за пратеничка, Ели Панова, актуелниот претседател на ВМРО ДПМНЕ за Струмица, како и со Тања Запрова, чиј сопруг Томи пукаше со пиштол на локалните избори во Струмица. Со еден збор, службеникот Гоцевски е истакнат кадар од тимот на Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави