МВР: Запленетите пакети биле разнесувани за време на полицискиот час во Струмица

Полицијата вчера во Струмица затекнала 11 лица кои за време на полицискиот час носеле пакети и истите биле запленети се додека не се обезбеди докумантација за нивното потекло, е објаснувањето на СВР Струмица откако од Здружението за хуманитарни цели “Сите заедно можеме“ се пожалија дека полицијата влегла во нивните магацини во кои стоеле пакети донација од семејството Заеви.

И Зоран Заев на Фејсбук како скандал ја оквалификува акцијата на полицијата за стопирање на хуманитарната помош, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за партиска злоупотреба на државни институции и побара надлежните да спроведат истрага и да дадат одговори за настанот.

Соопштението на МВР интегрално го пренесуваме.

„Ве известуваме дека на 29. 04.2020 година, постапувајќи по План и задачи за непочитување на Одлуката на Владата за забрана за движење, во 22,30 часот, во Струмица, на улицата Ѓорги Трајков од страна на полициски службеници од СВР-Струмица, биле затекнати 11 лица и поголем број на пакети со непозната содржина. Од страна на полициски службеници лицата се легитимирани по што е констатирано дека дел од лицата поседуват дозволи за движење на вработен поради вршење на сменска и ноќна работа издадени од Здружение за хуманитарни цели “Сите заедно можеме“ а дел од лицата поседуват Известување издадено од Општинскиот штаб за заштита и спасување при општина Струмица на 10.04.2020 година.

По овластување на дежурен јавен обвинител извршен е увид на местото на настанот од страна на увидна екипа при СВР-Струмица и со Потврда за привремено одземени предмети се одземени предметните дозволи и известувања со цел проверка на веродостојноста на истите.

По насоки за постапување од јавниот обвинител дадена е Наредба на полициски службеници физички да се обезбедуват пакетите со непозната содржина се до моментот на доставување на целокупната документација за истите од страна на Здружението за хуманитарни цели “Сите заедно можеме“.

Приведени лица во ПС од ОН- Струмица нема. На 30.04.2020 година 3 лица се повикани на разговор во СВР-Струмица, по обавен службен разговор лицата си заминале од СВР-Струмица. Во моментот се работи на целосно расчитување и документирање на случајот во координација со ОЈО-Струмица.“

Треба да знаете
Последни објави