Индустриското производство во март годинава е намалено за 13,4 отсто во споредба со истиот месец од претходната година, а за периодот јануари − март 2020 година е помало за 3,7 отсто во однос на истиот период лани.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2020 година, во однос на март 2019 година, бележи опаѓање од 10,8 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има пад од 14,3, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација производството опаднало за 11,5 отсто.
Намалувањето на производството во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство на пијалаци, на тутунски производи, на текстил, на облека, на други неметални минерални производи, на метали, на електрична опрема, на машини и уреди, неспомeнати на друго место и на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството бележи опаѓање кај Енергија за 12 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 11,9, Капитални производи за 20,1, Трајни производи за широка потрошувачка за 7,8 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11,1 отсто.