Иранскиот претседател Хасан Рохани ги предупреди САД да не подготвуваат какви било воени потези во Персискиот Залив, укажувајќи на историското име на водниот пат, пренесува иранската новинска агенција „Фарс“.
„Ова е отсекогаш Персиски Залив и ќе остане таков. САД треба да знаат дека името на овој залив е Персиски Залив, а не Њујоршки или Вашингтонскиот Залив. Тие треба да престанат да коваат заговори против Иран“, рече Рохани на состанокот на кабинетот во Техеран во средата.
Тој, исто така, истакна дека Иран со години успешно го заштитувал водниот пат и ќе продолжи да го прави тоа.
Бригадниот генерал Абофлазл Шекарчи, портпарол на Иранските вооружени сили, ги повтори коментарите на Рухани, велејќи дека ако американските сили извршат какви било активности на агресија против територијата на Иран или нејзиниот народ, Техеран остро ќе одговори.
„Американците сигурно сфатија дека ако направат и најмал потег на агресија против територијалните води на Исламската Република и интересите на нашиот народ, ќе бидат плеснати во лице посилно од минатото зашто не се шегуваме со никого во одбраната на нашата земја“, рече генералот Шекарчи.
На 15 април, Централната команда на САД соопшти дека 11 брода на морнарицата на Иранската револуционерна гарда (ИРЦГ) спровеле опасни и провокативни маневри околу воените бродови на САД во Персискиот Залив.
Иранската војска ги отфрли обвинувањата како „холивудски заговор“, повикувајќи се на претходниот инцидент во кој американски бродови извршија две последователни провокативни пресретнувања на ирански воен брод.
По забелешките на Трамп за инструкциите за морнарицата на САД да го уништи секој ирански брод кој ќе ги провоцира американските воени бродови, иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, рече дека американската војска треба да остане надвор од Персискиот Залив.
Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран ескалираа уште на почетокот на јануари и веќе се критични откако иранскиот врховен воен командант Солејмани беше убиен во напад во близина на меѓународниот аеродром во Багдад. Во знак на одмазда, Иран лансираше десетици проектили кон двете американски бази во Багдад на 8 јануари, при што над 100 американски војници беа дијагностицирани со повреди на мозокот со различна тежина како резултат на нападите.