Finance Think: Редизајнираната уредба за користење на мерката за финансиска поддршка на компаниите отвора простор за нејзина компромитација

Начинот на кој е (ре)дизајнирана вчера презентираната Уредба за користење на мерката за финансиска поддршка на компаниите отвора простор за нејзина компромитација, во насока на максимизирање на отпуштањето на вработените според дадените максимални лимити на мерката, укажува Finance Think.

Ова , според нив, особено ќе се рефлектира врз работниците на определено работно време.

-Затоа, Finance Think апелира мерката да се дообмисли, со допуштање намален број работници по нејзиното користење само во случаи на пензионирање на работник, смрт на работник, отказ на договорот за вработување од страна на вработениот (член 79 од Законот за работни односи), отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок (член 82 од ЗРО, документирано во дисциплинска постапка), спогодбено преземање работник(ци) кај друг работодавач, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда (член 102 од ЗРО), престанување на важноста на договорот за вработување поради трајна неспособност за работа (член 103 од ЗРО), порачуваат од Finance Think.

Владата вчера усвои Уредба според која условите за користење на мерката за финансиска поддршка на компаниите од 14.500 денари по вработен се унапредуваат со овозможување истовремено искористување на мерката за 50 отсто субвенционирање на социјалните придонеси и со овозможување, под одредени услови, позајмените средства да се претворат во грантови средства.

Овие дополнителни услови, според Finance Think, ќе овозможат понатамошно релаксирање на ликвидносните потреби во услови на економски шок од невидени размери.

Мерката, како што велат, се дополнува и со овозможување компаниите да испуштат одреден процент од работниците, зависно од нивната големина, а и понатаму да може да ја искористат мерката, услов кој претходно не постоеше (член 6, став 2).

-Во нормални услови на работење, флуктуацијата на работната сила е вообичаен процес детерминиран од пазарните услови, и во такви околности отпуштањата се нормален процес. Сепак, моменталните околности се вонредни, а целта на мерките на владата за справување со економските последици од корона-кризата е задржување на работните места, преку обезбедување на ликвидноста во компаниите, односно субвенционирање на нивната кондиција да исплаќаат плати, посочуваат од Finance Think.

Треба да знаете
Последни објави