Германија го забрани Хезболах и спроведе повеќе антитерористички рации

Берлин ја забрани либанската милитантна организација и политичка партија Хезболах, обележувајќи ја групата како терористичка, а германската полиција спроведе рации кај лица за кои постои сомневање дека се нејзини членови, пренесува РТ.

„Министерот за внатрешни работи Хорст Зихофер денеска ја забрани работата на шиитската терористичка организација Хезболах во Германија“, соопшти портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи.

Полициските мерки се одвиваат во неколку сојузни држави во исто време уште од раните утрински часови.Полицијата влезе на неколку џамии и културни центри за кои се верува дека се поврзани со Хезболах во Берлин, Северна Рајна-Вестфалија и во Бремен. Беа претресени и станови во кои живеат нивните водачи, благајници и даночни советници.

Германските власти веруваат дека околу 1.050 луѓе во земјата би можеле да му припаѓаат на екстремистичкото крило на групата, спроведувајќи рации за апсење на наводните членови. Иако Берлин претходно направи разлика помеѓу политичките и вооружените единици на Хезболах, со одлуката на министерот целата група ќе биде забранета во земјата како нелегална терористичка ќелија.

Германија почна да размислува за забрана на Хезболах минатата година, а дебатата за тоа ја поттикна американскиот амбасадор Ричард Гренел. САД, Канада, Холандија, Јапонија и Велика Британија го забранија Хезболах уште во март 2019 година.

Основана во осумдесеттите години на минатиот век за време на израелската окупација на јужен Либан, шиитската организација доби на важност во либанската политика, учествувајќи во владејачките коалиции и истовремено одржувајќи вооружено присуство на границата со Израел.

Групата најде стабилен сојузник во Техеран, одржувајќи блиски односи со Исламската Република и му помогна на сирискиот претседател Башар ал-Асад во борбата против џихадистичките бунтовнички групи што презедоа делови на Сирија во 2011 година.

Треба да знаете
Последни објави