Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ даде дополнителен коментар на ставовите на професорот Денко Малески за македонско-бугарските односи што ги истакна во емисијата „Слободна зона“ на бугарската ТВ „Европа“. Пендаровски повтори дека неговите ставови не кореспондираат со ставовите и размислувањата на неговиот советник за надворешна политика.
Одамна би требало да биде зад нас времето кога советниците на премиери, претседатели и министри мораат цело време да викаат – да, шефе, да, шефе. Мене ми требаат и соработници и советници кои ќе ми кажуваат и нешто поинакво од она што е стандардизирана историска или политичка вистина или факт. Некои критичари на неговиот став и на моето непостапување, веројатно очекуваа да го интернираме на Голи Оток, не знам што очекуваа. Велат, како можеш да соработуваш со таков човек кој не работи за националните и државни интереси. Национален и државен интерес, апсолутен приоритет број 1 за нас како нација и како држава е Македонија или сега Северна Македонија да биде демократија а не диктатура, вели Пендаровски.