Финансискиот систем е подготвен да се справи со корона-кризата. Прудентната регулатива на финансиските регулатори, во голем дел усогласена со европските регулативи, придонесе системот да е во кондиција со којашто може да се справи со шокот предизвикан од пандемијата на ковид-19.
Ова се дел од констатациите на вчерашната седница на Комитетот за финансиска стабилност. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
Комитетот започна да работи со учество на сите финансиски регулатори, во согласност со меморандумот за соработка којшто беше склучен неодамна, при што на седницата детално беа анализирани досега преземените мерки за одржување на финансиската стабилност, како и остварените и очекуваните резултати.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска најпрво се осврна на досега преземените мерки на Народната банка, коишто се однесуваат на банкарскиот систем, а кои имаат за цел одржување и натамошно зајакнување на неговата стабилност, но и создавање предуслови банките и покрај бројните предизвици со кои се соочуваат, да продолжат и понатаму да обезбедуваат неопходна кредитна поддршка за економијата. Акцент беше ставен на регулаторните измени со коишто се овозможи поголема флексибилност за банките при реструктурирањето на кредитите со цел олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците. Исто така, беа посочени и мерките коишто имаат за цел ослободување на ликвидност на банките и нејзино насочување кон поддршка на економијата, преку намалениот износ на понудата на благајнички записи и можноста за ослободување на задолжителната резерва за реструктурираните и одобрените кредити на погодените сектори. Беа објаснети и привремените олеснувања во однос на регулаторните известувања и супервизорскиот пристап за банките, со коишто им се овозможува поголема фокусираност на потребите на граѓаните и компаниите.
Како што посочи гувернерка, при носењето на секоја од мерките, од Народната банка се анализира нејзиното влијание како врз секоја банка одделно, така и врз банкарскиот систем во целина, со цел мерката истовремено да е во функција на поддршка на македонската економија и во функција на одржување на финансиската стабилност.
„Најновото стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и кај банкарскиот систем во целина, од минатата година, отпорноста на шокови е зголемена. Системот е здрав и стабилен, со висока и стабилна ликвидност и солвентност.” – истакна Ангеловска-Бежоска.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, посочи дека за квалитетно справување со моменталната состојба, многу е важна координацијата помеѓу Народната банка и Министерството за финансии. Во делот мерки коишто го засегаат финансискиот систем, преземени се активностите кај финансиските друштва и лизинг компаниите, со воведување на мерка за намалување на ануитетите на корисниците на кредити до 70% од ануитетот. Оваа мерка е преземена со цел да се заштити нивната одржливост и понатамошно работење на пазарот, а со насока да се заштитат и корисниците на кредити. Mерките коишто се преземаат кај реалниот сектор се во насока на одржување и покачување на ликвидноста преку две линии бескаматни кредити, даночни ослободувања, мерки за финансиска поддршка, но и редовните активности – како брзо сервисирање на повратот на ДДВ кон фирмите.
„Повратот на ДДВ кон фирмите само за април изнесува 38 милиони евра, што е за 23% повеќе во однос на истиот месец лани. Повратот на ДДВ од почетокот на годината изнесува 145 милиони евра, што е за 16,7% повеќе во однос на истиот период лани. Брзиот поврат на ДДВ е од исклучителна важност за одржување на ликвидноста на фирмите, особено во овие услови на здравствено-економска криза. Исто така, кон зголемување на ликвидноста се дејствува и преку бескаматните кредити од линиите „Ковид 1″ и „Ковид 2″ на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто се од големо значење бидејќи ги таргетираат микро, малите и средни претпријатија. Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана линија евтини кредити во износ од 51 милион евра. Понатаму, тука е и мерката за одложено плаќање на аконтациите на данокот на добивка за фирмите и данокот на личен доход за самостојните вршители на дејност. Преку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за април и мај, чиј износ се проценува на околу 100 милиони евра, покрај основната намена за исплата на плати и зачувување на работните места, таа претставува дополнителна голема ликвидносна инјекција во стопанството” – рече Ангеловска.
Претседателката на КХВ, Нора Алити се осврна на активностите коишто КХВ ги презеде со цел обезбедување на континуитет во функционирањето на пазарот на капитал и стабилизирање на цената на акциите на берзата. „Вкупниот промет реализиран на Македонската берза заклучно со 28 април изнесува околу 78 милиони евра. Споредбено со главните берзански индекси во регионот, главниот берзански индекс МБИ 10 има најнизок пад од 6.92%, во однос на вредноста на последниот ден на тргување во 2019 година.” – истакна Алити.
Таа посочи и дека во насока на поголема транспарентност, КХВ побара од котираните компании да делуваат согласно со префиксот „повеќе од” чиста усогласеност и „повеќе од” обелоденувањe, по што друштвата веќе почнаа освен навремените известувања, на СЕИ Нет да ги објавуваат и процените на менаџментот за влијанието на корона-кризата врз работењето на компанијата во првиот квартал, како и врз идното финансиско работење.
На седницата беше нагласено дека влијанието на пандемијата на ковид-19 врз светските финансиски пазари се очекува да има само краткорочни ефекти врз пензиските фондови, имајќи предвид дека тие се долгорочни инвеститори. „Нашите пензиски фондови сѐ уште се во фаза на акумулација и се очекува нивно постепено опоравување и стабилизирање, што би довело до добри инвестициски резултати коишто ќе надоместат за остварувањата предизвикани од актуелните пазарни шокови.” – кажа претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али.
Тој истакна дека над 95% од членовите на вториот пензиски столб се помлади од 50 години возраст и дека се очекува краткорочните неповолни влијанија од корона-кризата да бидат неутрализирани во натамошниот период. Како што нагласи Али, не се очекуваат значајни промени и движења во структурата на средствата на пензиските фондови, коишто би можеле значително да влијаат на финансиската стабилност.
Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски, нагласи дека осигурителниот сектор продолжува да функционира стабилно, со идентификувани предности и ризици коишто треба да се следат со цел да се одржи овој тренд. Како што посочи Шајноски, досега АСО донесе два пакети на мерки. Со првиот пакет, меѓу другото се наложи на осигурителните друштва да ги преземат сите можни мерки за одржување на нивниот капитал и солвентност во насока на целосна заштита на правата на осигурениците.
„Со донесените измени на три правилници и една одлука им се дава дополнителен регулаторен простор во работењето на друштвата за осигурување, што неминовно ќе има позитивен ефект и врз крајниот корисник на осигурувањето во однос на динамиката на плаќање на обврските по премии и навремената и реална исплата на штети. Со регулаторните измени, меѓу другото се овозможува друштвата за осигурување да обезбедат ликвидни средства за нормално функционирање и редовна исплата на штети.” – истакна Шајноски.
На седницата беше констатирано дека со мерките коишто се преземаат и дополнително се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде одржана. Сите финансиски регулатори изразија подготвеност и решеност и за натамошно координирано следење на состојбите, при што се подготвени секогаш кога ќе биде потребно да преземат и натамошни мерки и активности, во согласност со своите надлежности.