Министерството за надворешни работи информира дека 102 студенти од Северна Македонија кои студираат на универзитетите во Турција беа успешно репатрирани во земјата.Упатуваме благодарност до турскиот Директорат за дијаспора којшто во соработка со нашите претставници во Турција помогнаа за координацијата околу превозот на студентите од Истанбул, Анкара, Бурса, Коња, Сакарја, Кајсери, Измит, Едрене, Чанаккале и Текирдаг до турско-бугарската граница.
Воедно, за организираниот превоз со четири автобуси во понатамошната репатријација, како што беше и случај со евакуираните наши работници од Нигерија преку Турција, посебна заложба имаше Владата на Северна Македонија, а во случајот со студентите, и ангажманот на Заменикот министер за труд и социјална политика на нашата Влада. Ова е вкупно 7-ми организирано спроведен хуманитарен конвој, трет од Турција, по започнувањето на процесот на репатријација на нашите државјани кои беа затекнати во странство поради пандемијата на коронавирусот. Со ова, вкупната бројка на репатрирани македонски граѓани со посредство на Министерството за надворешни работи до денес изнесува 3870.
Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Турција и Бугарија за соработката и обезбедување на непречен транзит, како и за целокупната поддршка во овие отежнати околности, како за репатријацијата на нашите студенти од Турција така и за нашите работници од Нигерија.