Жаре „Еден на Еден“: На 3-ти мај првата „скараџиска” епизода, со Бубо Каров и Гораст Цветковски

Успехот не е ништо друго освен многу труд. Да се екипира голем тим на професионалци и да се работи со ненамален интензитет. Сето ова раѓа квалитет, но и долгорочност, континуитет. Континуираниот квалитет носи видливост, видливоста носи публика, публиката носи партнери и спонзори. Ова пак носи средства кои го хранат она првото, тимот професионалци со кои си опкружен и се натаму- вели за 24 инфо Жарко Димитриоски. Во  мометов вели дека е во карантински рај, станува во 8, руча во 14, работи во меѓувреме од дома, легнува во 23 часот

-Во ланецот едно без друго не може и мора секое делче да си го прави своето, како не би се родиле пречки кои ултимативно го загрозуваат целиот процес. Ентузијазмот и пасијата можат да дадат добра сезона-две, навистина. Но, за долгорочност треба многу високо ниво на професионализам. Особено кај нас.

Низ вашите емисии поминаа пеачи, актери, политичари…Може ли да издвоите кој од соговорниците беше најтежок за разговор, а каде спонтано течеше разговорот?

Ако се надоврзам на претходниот одговор, во делот на подготовка, тој професионализам подразбира и темелна работа со гостинот. Да се изнајдат добри приказни, анегдоти, да се поттикне интересна дебата, да се открие по некој детал кој претходно не сме го знаеле итн. И сето тоа се прави однапред, денови пред да се вклучат камерите во студио. Па така, во голема мера разговорот има одредено точки до кои сакаме да стигнеме, а спонтаноста е во тоа како ќе дојдеме до нив. Ова овозможува најголемиот дел од разговорите да се добро стегнати и подготвени однапред и да нема неочекувани моменти “да не знаеме кај тераме со муабетот” J Секако, за секое правило има и исклучоци, но се трудиме да бидат сведени на минимум.

Ви се случило ли да се откаже во последен момент соговорникот и дали секогаш имате резервна варијанта?

Се случува и тоа. Сме имале ситуации каде гостинот има приватна причина за ненадејно откажување, се случувало да се откаже лет за Скопје и одреден гостин да не може да пристигне навреме. Секакви ситуации. Во тие моменти се снаоѓаш. Фала богу, речиси и да нема некој од сцената со кого не сме пријатели, па вакви дупки релативно лесно се закрпуваат.

Како го поминувате времето откако сте во излолација и со кого?

Имам многу еднолична изолација, но морам да ти признаам уживам 100%. Станување во 8ч, кафе и доручек. Следува утрински групен состанок со вработените во маркетинг агенцијата (www.1on1agency.com), по што се фрлам на работа. Слушалките во уво и се трансформирам во диспечер со голем елан за напредок. Тоа така тера до кај 14ч кога правам пауза за ручек, па повторно работа. Околу 17ч го правиме завршниот групен состанок со колегите од агенцијата, но лично секогаш имам нешто да доработам до кај 18-19ч. Потоа доаѓа вежбање, туш, подготвувам вечера и околу 20.30ч-21ч седнуваме со девојка ми пред телевизорот, пуштаме серија и одмараме до кај 23ч кога полека полека се селиме во спалната. Таму некоја глава од книгата што се чита во моментот, колку да те кутне во лесен сон и полнење батерии до следното утро. Карантински рај J

Имате ли хоби?

Па, кога ќе погледнам малку повнимателно, за жал не ми ни останува нешто премногу слободно време. Хобијата периодов пак се вртат околу тоа – читање биографии, слушање подкасти и подготвување интересни јадења ако дозволи денот… Гитарата е тука, па од мерак може и неа да ја извадам од време на време.

Што да очекуваме наредните епизоди во Еден на еден?

Ситуацијата налага да не можеме да правиме некои долгорочни планови и затоа одиме недела за недела. Еве сега на 3ти мај ќе ја имаме и првата Еден на Еден “скараџиска” епизода, со Бубо Каров и Гораст Цветковски. Вака-така и мај си дојде, што значи дека уште некој месец и половина и ќе ја завршиме 11-тата сезона од шоуто. Би сакал да ја завршиме во студио, но останува да видиме дали ќе е тоа реална опција.

Кои се личностите со кои Жаре сака да направи интерју одамна, а не успева, има ли такви?

Многу ми е убаво што низ овие 11 години повеќе пати гостувале луѓе кои не само што многу ги ценам како професионалци, туку низ сезоните ми станале и драги, сме се зближиле на некој начин. Од нашите ѕверки како Џамбазов, Сашко Коцев, Перо Антиќ, дечките од К-15, па се до Чолиќ, Брена, Бреговиќ, Неле и еден тон други… Емисијата е етаблирана како задолжителна станица на секој кој сака нешто да промовира, па дури и политичка агенда и неретко добиваме барања за гостувања од политичари како што знаеш… Желбите што сум ги имал се оствариле и тоа од порано. Сега повеќе е уживање отколку било што друго.

Како ќе тече следниот период и кога ќе се вратите на стариот начин на снимање?

Па искрено, многу сме внимателни заради безбедноста и заштитата на сите кои се вклучени во процесот на снимање. Имаме голема екипа, а имаме и публика која брои и до 50 луѓе. Не би ризикувале ни најмалку. Јас верувај прв би се вратил во студио и многу ми недостига снимањето пред жива публика. Но, реалноста е поинаква.

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави