Пад на економските активности за над 50 проценти пријавиле 46 отсто од компаниите, додека само четири отсто се изјасниле дека кризата со пандемијата предизвикана од коронавирусот нема никакво влијание на нивното работење. Околу 85 отсто од компаниите велат дека имаат намалени приходи од промет на производи и услуги. Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, во интервју за МИА вели дека и покрај се резултатите од анкетата што ја направиле, само десет отсто од компаниите се одлучиле за отпуштање на работници. Поголемиот дел од нив, посочува тој, користат скратено работно време, платен годишен одмор и еден мал дел од нив принуден годишен одмор.
Каква е состојбата со компаниите кои се ваши членки по кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот и што покажа анкетата што ја најавивте неодамна?
Од направената анкета на Организацијата на работодавачи на Македонија се гледа дека речиси сите компании претрпеа одредена штета од состојбата со корона вирусот. Само четири отсто од анкетираните компании изјавиле дека кризата нема никакво влијание на нивното работење, 10 отсто од анкетираните изјавиле дека имаат пад во работењето до 20 проценти, 24 отсто изјавиле дека имаат пад на приходите помегу 20 и 50 проценти, 12 оти дека комплетно затвориле, кај три отсто кај кои има позитивни движења и во оваа криза и најголемиот број – 46 осто изјавиле дека имаат пад на економските активности над 50 проценти.
Дали веќе има отпуштања поради неможност да се обезбедат плати за вработените или пак најави за отпуштања?
Нашата анкета покажа дека само 10 осто од компаниите се одлучиле за отпуштање на вработени, додека од останатите, најголемиот број користат скратено работно време, платен годишен одмор и еден мал дел од нив принуден годишен одмор.
Дали компаниите имаат откажани договори од бизнис партнерите и во колкав обем?
Во анкетата над 85 проценти од компаниите искажале намалени приходи од промет на производи и услуги, што значи дека од намалување на приходите и профитабилноста за оваа година ќе бидат поштедени многу мал број на компании во земјава.
Колку компаниите се задоволни од мерките што ги презеде Владата за справување со последиците, дали се навремени и доволни?
Поголемиот број на анкетирани компании покажаа незадоволство од објавените мерки за економска поддршка, но мораме да истакнеме дека анкетата беше спроведена во перидот пред донесувањто на уредбата со која се олеснија критериумите за аплицирање, особено критериумот задржување на бројот на вработени.
Дали се потребни дополнителни мерки и во која насока би требало да се движат?
Во анкетата не наидовме на некои специфични мерки кои ги предлагаат работодавачите. Нивните размислувања главно се движат во рамки на веќе предложените мерки од страна на Владата, а тоа се мерки за задржување на ликвидноста, мерки за даночни олеснувања и одлагање на даночни обврски и мерки за субвенции за задржување на вработените. Затоа потребно е во иднина да се зголемат износите на средства, да се олеснат критериумите за аплицирање и во зависност од ситуацијата да се продолжи нивната важност.
Колку компаниите успеаја да се прилагодат на состојбите и онаму каде може да го пренаменат производството или да го променат начинот на работа?
Се разбира дека сите компании се обидоа да го прилагодат нивното работење според преземените мерки и препораки за социјално дистанцирање и изолација. Повеќето од нив воведоа работа од дома, го скратија работното време, ги преземаа сите мерки за заштита во работните простории, а во производството воведоа некои нови производи. Се разбира ова варира од гранка во гранка. Во одредени гранки, каде со уредба им беше забранета дејноста, компаниите немаа многу можности за воведување на промени во работењето.
Дали мерките за заштита на вработени согласно владините уредби го отежна процесот на производство, дали го поскапи и има ли информации за затворени компании и како би стартувале?
Речиси ниту една компанија нема да излезе без последици од оваа ситуација. Некои изгубија многу работни часови заради големите отсуства од работа, заради застојот во снабдување со репроматеријали, кај некои имаа прекин на испораката на готовите производи кон купувачите, кај други има застој во плаќањето на веќе испорачаните стоки и услуги, а за жал околу 10 отсто мораа целосно да прекинат со извршување на својата дејност. Ова значи дека негативните последици не се само заради преземените мерки за заштита на здравјето на граѓаните, туку и поради нарушување на системот на снабдување и продажба со партнерите во странство. Се разбира дека компаниите кои ќе останат активни, макар со големи штети, полесно ќе продолжат понатаму, за разлика од компаниите кои целосно ќе пропаднат.
Во моментов е најважно како ќе се одвива состојбата со пандемијата понатаму, дали набргу ќе се стабилизира или може да очекуваме и нов бран наесен. Ако од јуни се создадат неопходните услови да почнеме нормално да работиме, тогаш постои можност до крајот на годината да ги надоместиме дел од штетите што ги претпрпуваме во овој период.
Славица Стефановска