Клеменс Која: Не се сомневам дека нашите колеги од ОДИХР ќе останат посветени да го продолжат изборниот мониторинг во С. Македонија

ОДИХР многупати до сега ги набљудувала изборите во оваа земја и воопшто не се сомневаме дека нашите колеги од Варшава ќе останат посветени да го продолжат изборниот мониторинг во Северна Македонија.

Ова во интервју за МИА го порача шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, кој одговори на прашањето дали ОДИХР се подготвени да продолжат со најавената мисија, откако на почетокот на март на прес-конфренција ја соопштија мисијата за предвремените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, но се одложија поради пандемијата на Ковид-19.

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на 3 март одржа прес-конференција на која најави дека со 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и со претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи ќе го набљудува гласањето, кое се одложи поради тоа што земјава сега се справува со епидемијата.

ОДИХР во земјава досега набљудувала 18 избори, а кога ќе ја спроведе својата 19 мисија се уште е неизвесно со оглед на состојбата со коронавирусот и неизвесноста кога би се одржале парламентарните избори.

Амбасадорот Која во интервјуто за МИА говори за тоа како мисијата на ОБСЕ се справува со епидемијата на Ковид-19.

Вели рестрикциите кои што произлегоа од состојбата со коронавирусот имаат влијание врз сите, но тоа е повеќе изразено кај некои групи на граѓани. Меѓу најранливите се жените, децата, лицата со попреченост, маргинализираните и раселените лица.

Во интервјуто, кое МИА целосно ќе го објави утре,Која говори за  донациите, кои мисијата ОБСЕ ги доделила за полицијата, здравствените работници, новинарите и нагласува дека мисијата во моментов работи и со Министерството за труд и социјална политика за донација на основни прехранбени пакети и дистрибуција до регистрираните жртви на семејно насилство, кои се меѓу најранливите во општеството за време на кризната состојба.

Која нагласи дека рестрикциите на движење на глобално ниво придонеле за пораст на семејното насилство, поради што Мисијата на ОБСЕ, заедно со МТСП и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство работат заедно при справувањето со овој предизвик.

Треба да знаете
Последни објави