Лидерската средба би се одржала во периодот меѓу 10 и 12 мај, а потврда за учество на неа дале лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, како и лидерите на албанските политички партии и од власта и од опозицијата.
Ова вчера во интервју за „360 степени” на Алсат М го изјави претседателот Стево Пендаровски, кој посочи дека телефонски разговарал и со Заев и со Мицкоски.
Претседателот Пендаровск, во интервјуто одговараше на прашање за тоа која е потребата тема на лидерска средба да бидат изборите, кога владата донесе уредба за продолжување на изборните дејствија по завршувањето на вонредната состојба.
-Не би сакал да им наметнувам нови задачи од областа на правото на овие што се правници од власта и од опозицијата, меѓутоа, постои размислување дека уредбите со законска сила важат додека важи вонредната состојба. Потоа, за да евентуално продолжат да важат треба Собранието да ги потврди. Ако ги потврди ќе продолжат да важат, ако не, нема да важат. Тоа е едно од правните мислења кои ми го кажуваат, ми го советуваат тие што мене ме советуваат во правната сфера. Не велам дека тоа е дефинитивна вистина, меѓутоа, само сакам да го кажам тоа, истакна шефот на државата.
Пендаровски истакна дека уредбите кои ги носи Владата имаат сила на закон, но и дека Владата има законодавна моќ само додека има вонредна состојба.
-Само во вонредна состојба Владата може да носи уредби со законска сила. Не во некои регуларни парламентарни времиња. Што е кај нас проблемот? Парламентот никако да се состане бидејќи неговиот прв човек смета дека тој е дефинитивно распуштен, зачудувачки е што и главната опозициска партија смета дека не треба да биде оживеан парламентот кадешто би можела да има поголема парламентарна контрола, вели претседателот на државата.
Пендаровски се осврна и на вонредната состојба и за тоа дали би ја продолжил за нови 30 дена, со оглед на тоа што вторите 30 дена истекуваат на 16 мај.
-Ако трендовите се навистина позитивни, дај боже, со цело срце посакувам така да биде, и ако ситуацијата во таа смисла здравствена, со Ковид-19 се смирува, јас ќе размислам два пати дали ќе бидам единствениот кој ќе продолжува – 30, плус 30, плус 30 и така до крајот на годината. Не сум сигурен дека ако трендовите во однос на Ковид се стабилизираат и генерално попуштаат и според првичните проценки и мерките за ограничување на движење, за реотворање постепено на бизнисите, не сум сигурен дека и во таква ситуација ќе решам – еве ви нови 30 дена, еве ви нови 30 дена и не се секирајте, јас постојано ќе давам нови 30 дена, бидејќи вторите 30 дена беа дадени или утврдени затоа што мораше, истакна шефот на државата.