Аеродромот во Виена од утре ќе понуди тестирање на новиот коронавирус за да им овозможи на патниците кои пристигнуваат во Австрија да избегнат 14-дневен карантин.
Патниците ќе имаат на располагање молекуларно биолошки или ПЦР тест на Ковид-19 на виенскиот аеродром, чиј резултат ќе биде готов за два до три часа.
– Патувањето со авион, без оглед дали станува збор за деловен или итен пат, ќе биде на тој начин побезбедно и полесно, се наведува во соопштението на аеродромот.
Тестот, кој чини 190 евра, ќе можат да го направат и патниците кои ја напуштаат Виена.
Патниците кои пристигнуваат на аеродромот ќе мораат да покажат лекарска потврда дека се негативни на коронавирусот, а тестот не смее да биде постар од четири дена или ќе заминат во карантин.
Виенскиот аеродром има планирани летови за Доха, Дортмунд, Дизелдорф, Франкфурт, Хамбург, Лисабон, Минск и Софија, како и чартер летови. Забрането е слетување на авиони од подрачјата кои се сметаат дека се од голем ризик.
Во Австрија досега се регистрирани 15.526 заразени случаи и 598 починати лица.