Досега се излекувани 852 лица од Ковид-19, во шест градови нема повеќе активни случаи

Во моментов во земјава се активни 572 случаи на заболени лица со корона вирус. Досега се излекуваа 852, а починаа 82 лица. Од извршени 16.997 беа потврдени 1.506 позитивни случаи на Ковид-19. Во шест градови, во Дебар, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар нема повеќе активни случаи со коронавирус.

Вчера, Институтот за јавно здравје регистрираше четириесет и пет оздравени, еден починат и 15 нови случаи на Ковид-19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера за прв пат од почетокот на епидемијата, во 24 часа, нема прием на нови пациенти, позитивни или сомнителни на Ковид-19.

Во текот на изминатите денови се регистираат повеќе оздравени лица, отколку нови случаи на заболени со коронавирус.

Намален е и бројот на тестирања, а како што посочи директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемеди, тоа се должи на бројот на земени брисеви. Односно, како што појасни, „нема симптоми, нема епидемиолошки анкети, нема брисеви”.

– Од почетокот на епидемијата, во Дебар беше регистриран 51 случај, досега четири лица починаа, а 47 се оздравени. Во Радовиш и Гевгелија беа регистрирани по четири случаи, во Струмица два, во Пробиштип два, а во Демир Хисар еден позитивен случај на коронавирусот. Во овие градови не се регистрирани смртни случаи од Ковид-19, а сите евидентирани ковид-позитивни се оздравени, наведоа од Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера во интервју за Телма посочи дека се што се предложило од Министерството и Владата, сите мерки биле димензионирани на прво место да биде здравјето на граѓаните. Во таа смисла, истиот терк на работа ќе продолжи и понатаму.

Нагласи дека и идните предлози ќе бидат носени врз основа на стручни аргументи, анализа на бројот на пациенти, на новодијагностицирани, на бројот на пациенти кои ги има во болниците и на домашно лекување.

Според него, мерките се добро димензионирани за што показател е тоа што сега секој ден има се помалку дијагностицирани пациенти, се помалку пациенти кои се лекуваат и повеќе излекувани отколку активни случаи.

– Тоа значи дека мерките беа добро димензионирани и добро испланирани, кои се темелеа на медицински аргументи, на епидемиолошката наука. Врз основа на ова, предлозите ќе продолжат да се даваат и понатаму, порача Филипче.

Треба да знаете
Последни објави