Новинарството да биде ослободено од притисоци, а новинарите одговорни кон професијата

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по повод 3ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, повикува на зголемена одговорност во почитувањето на фундаменталните принципи на слободата и независноста на медиумите, како и на заштита на новинарите и медиумските работници во исполнувањето на нивната одговорност за професионално информирање во интерес на јавноста.

Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности.

До власта и институциите на системот и натаму апелираме секое решение во однос на подобрување на состојбите во новинарството и медиумските содржини да биде во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница во државата.

Слободата на медиумите, пак, подразбира одговорност и стремеж за вистинито и професионално работење, низ призма на почитување на човековите права и во интерес на владеењето на правото. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување. И во изминатиот период праксата на СЕММ го потврдува присуството на случаи на неетичко информирање. Речиси 80 проценти од пријавените случаи во изминиве месец и половина се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, при што во 30 отсто од нив станува збор за сензационалистичко, еднострано и некоректно информирање на јавноста.

Слободата на медиумите подразбира тие да не бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки и заради политичко поентирање. Искуството потврдува дека праксата на одредени политичари и носители на моќ да ги искористуваат медиумите какло платформа за политички пресметки и калкулации продолжува, за што потврда се случаите во кои медиумите не успеале да обезбедат професионална дистанца од политичките субјекти за кои што известуваат.

Во насока на поддршка на слободата на изразување и професионалното и одговорно новинарство, СЕММ во текот на мај ќе го објави конкурсот за најдобри стории со фокус на  кризата со коронавирусот.

СЕММ од денеска се приклучува на глобалната кампања на УНЕСКО „Новинарство без страв или наклонетост”, чија цел е подигнување на свеста за прашањата поврзани со безбедноста на новинарите, нивната независност од политичко или комерцијално влијание и родова еднаквост во сите аспекти од медиумите.

Треба да знаете
Последни објави