Грција денеска го „трча” последниот километар од 42-дневниот маратон на рестриктивни мерки, а од утре, се укинува забраната за движењето на граѓаните и Грците ќе почнат полека и постепено да се прилагодуваат на новото секојдневие, кое носи и одредени правила, упатства и препораки, јави дописничката на МИА од Атина.
Од „остануваме дома”, мотото во текот на карантинот, Грците, од утре влегуваат во новата фаза, под новиот слоган,„остануваме безбедни”, како што и самиот грчки Премиер рече во неговото обраќање во вторникот.
Од утре граѓаните слободно ќе се движат, без да биде потребно да имаат една од посебните потврди или да треба да испратат смс порака. Движењето сепак ќе биде ограничено, но само во однос на патувањата. Засега, не постои можност за движење од еден во друг регион или од еден во друг град, нешто што веројатно ќе се дозволи на 18 мај, секако во зависност од текот на пандемијата.
-Во понеделник поминуваме во втората фаза, а невидливиот непријател е сѐ уште присутен. Знаеме дека и нови случаи ќе имаме и потреба за лечење на наши сограѓани и за жал, наши сограѓани ќе водат битка за нивните животи. Се обидуваме, се подготвуваме за здравствениот систем да може да се справи со ситуацијата и во новата фаза. Ова го кажувам и се обидувам да бидам јасен за да не мислат некои дека од понеделник завршивме со коронавирусот, истакна вчера заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас.
Задолжително носење маска во одредени случаи или строга препорака за употреба на маска во други; силна препорака старите лица да продолжат да седат дома, строга препорака да се ограничи движењето на јавни места од полноќ до 6 часот наутро, препорака за користење автомобили за избегнување гужва во јавниот превоз, препорака државните службеници да продолжат да работат од дома, промена во почеток на работното време, се дел од правилата, препораките и упатствата на грчката влада до граѓаните, како дел од планот за постепено префрлање во новото секојдневие.
За месец мај предвидени се три фази на олабавување на мерките: на 4 мај, на 11 и на 18 мај.
Од утре дозволена ќе биде физичка активност на отворено, но и на плажи. На граѓаните им се препорачува собирите да ги ограничат на најмногу десет лица. Паралелно црквите се отвораат за индивидуални молитви и посети, а започнуваат со работа и дел од продавниците.
Ќе се отворат 26.167 од 260.000 бизниси, а на работа ќе се вратат 68.528 вработени.
Се отвораат книжарници, оптики, продавница за спортска опрема, фризерски салони, берберници, центрите за техничка проверка на возила
Во зависност од големината на просторот, ќе биде ограничен и бројот на потрошувачи, односно ако е до 20 метри квадратни, дозволени се најмногу четири лица.
Според истражувањето на агенцијата за рејтинг „MRB” за телевизијата „Стар”, објавено на 13 април годинава, на прашањето „Што е она што сакате да го направите кога ќе заврши кризата со коронавирусот?”, прв одговор на листата со 35 отсто беше дека сакаат да одат на фризер/бербер.
Фризерските салони, берберниците и салоните за убавина се отвораат утре, а закажувањето термин започна уште од минатата седмица, со оглед на тоа дека едно од правилата е да работат само со закажан термин.
Маската ќе биде задолжителна за вработените, а за клиентите постои само препорака.
Бројот на клиенти ќе биде во зависност од големината на салонот, ако е до 20 метри квадратни, не смее да има повеќе од четири лица (вработени и муштерии), од 20 до 100 метри квадратни, четири лица плус едно лице на секои десет метри квадратни за секој дополнителен метар од 20 до 100.
За салоните од над 100 метри квадратни, 12 лица плус едно лице на секои 15 метри квадратни.
Маската за граѓаните задолжителна само во јавниот превоз, такси возилата, лифтовите и болниците
Од утре, употребата на маска за граѓаните во Грција е задолжителна само во случаи кога не може да се држи потребното растојание, односно во јавниот превоз, во такси возилата, во лифтовите, како и во болниците, ординациите, здравствените центри и дијагностичките центри.
За канцелариите, училиштата, универзитетите, верските објекти, супермаркетите и продавниците, угостителските објекти, фризерските и козметичките салони, како и за отворените простори, употребата на маска од граѓаните не е задолжителна, туку постои само препорака.
Маска, задолжително е да носат вработените во јавниот и такси превозот, вработените во угостителските објекти, во болниците, како и во фризерските и козметичките салони. Во супермаркетите е задолжителна само за оние кои работата со прехранбени продукти кои не се спакувани.
За персоналот во училиштата и универзитетите, во религиозните објекти и во продавниците, маската не е задолжителна, туку постои само препорака.