Професионалното новинарство е јавно добро кое не смее да се ограничи, порачуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
– Одбележувајќи го Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, денес, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство. Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата ги исфрли на врвот предусловите за функционална демократија а тоа е дека новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен. Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните, велат од ССНМ и од ЗНМ.
Повикуваат на солидарност и поддршка, пред се од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во последните два месеци се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот правилно и навремено да информираат за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата.
– Потсетуваме дека борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Ја потенцираме Изјавата за слобода на изразување и информирање во време на криза од Комитетот на експерти за медиумска средина и реформи при Советот на Европа во која се истакнува улогата на професионалното новинарство и независните медиуми, потребата од „специјално внимание на обезбедување соодветни услови за работа на новинарите, вклучувајќи и медицинска заштита за секоја задача поврзана со коронавирусот”, наведуваат од ССНМ и ЗНМ.
Според нив, 92-то место во извештајот на „Репортери без граници” иако е мал напредок, сеуште е разочарувачка позиција и затоа потсетуваат на минатогодишните барања по повод Светскиот ден за слобода на медиуми, односно темелни реформи во медиумскиот сектор со цел воспоставување на услови за работа на новинарите и медиумските работници преку кои би се создал амбиент за извршување на нивните работни задачи без притисоци, уцени и загриженост за нивната економско-социјална состојба.
– Потенцираме дека најавените намалувања на плати, или намалување на кадарот во некои медиуми е недозволиво, особено во услови кога повеќе од кога било е потребно новинарството и медиумите да ја играат својата улога на чувар на јавниот интерес. Без слобода на изразување, независни и критички медиуми не е можно воспоставување на функционална демократија, но и надминување на кризи како актуелната пандемија, истакнуваат од ССНМ и ЗНМ.