Уставните судии ќе го „оживеат“ распуштеното Собрание?

Одлуката за распуштање на Собранието треба да биде укината бидејќи е беспредметна и неспроведлива. Судии во Уставниот суд имаат намера да им предложат на своите колеги поведување иницијатива по службена должност, со образложение дека: Одлуката за распуштање не ја оствари целта поради која беше изгласана, односно не резултираше со предвремени избори на 12-ти април. Ако овој предлог биде прифатен во среда кога ќе заседава колегиумот на уставните судии, ќе биде отстранета правната пречка за закажување собраниска седница, велат извори од Судот. А потоа, доколку овој собраниски состав се врати на работа, првенствено ќе треба да ги потврди двете одлуки на претседателот за вонредна состојба, а потоа и да озакони се што мораше да биде донесено од Владата во форма на уредба. Прашањето за избори повеќе не би било толку ургентно пренесува Телма.

На 15-ти април Судот ја разгледуваше Одлуката за распуштање на Собранието од 16-ти февруари, но не поведе постапка. Судиите констатираа дека од формален аспект, Уставот не бил прекршен бидејќи пратениците имаат право да го вратат мандатот. Новата иницијатива би се концентрирала на суштината – Парламентот се распушти за да се избере нов парламентарен состав на избори, а тоа не се случи.

Во среда, Уставниот суд треба да расправа за првата одлука на Пендаровски за вонредна состојба на цела територија. Ќе биде отфрлена без материјална расправа бидејќи 30-дневниот рок на важење е одминат. За втората одлука на шефот на државата од 16-ти април, ќе се расправа најверојатно на 11-ти или 12-ти мај. Во Судот веќе се работи и на иницијативите поврзани со уредбите на Владата. Оспорени се вкупно 150 уредби, од кои, 127 се поднесени од Светскиот Македонски Конгрес.

Неколку уставни судии најавија откажување од дел од својата плата во прилог на фондот за борба со вирусот. Подготвени се да издвојат 20 одсто од своите примања, иако не се членови на Здружението на судии, или да земат само минималец од 14 илјади и 500. Со тоа сакаат да покажат дека времената мерка што ја донесоа минатата недела за неограничување на платите на функционерите, не била заради личен интерес.

Треба да знаете
Последни објави