Пандемијата на коронавирусот годинава во Албанија ќе ја прекине и традицијата на одржувањето матурски вечери.
Забраната за нивно одржување ја соопшти министерката за образование Беса Шахини на редовната онлајн комуникација, одговарајќи на прашањето дали ќе има матурски вечери.
-За жал не. Нема да се дозволи одржување матурски вечери. Тие се празнувања на кои не може да се обезбеди физичка дистанца меѓу учениците, така што годинава тие треба да бидат откажани и треба да најдеме други начини за славење,одговори Шахини.
Претходно, Министертвото за образование соопшти дека учебната 2019/2020 година во Албанија ќе заврши без можност учениците и студентите да се вратат во училишните простории.
Училиштата кои беа затворени на деветти март, повторно ќе се отворат во септември освен за учениците кои треба да полагаат матура.
Денеска Шахини информираше дека училиштата за матуратите ќе се отворат на 18 мај,додавајќи дека сепак не е задолжително нивното враќање во школите.
„Враќањето во училиште не е задолжително. Училишта за матурантите ги отвораме исклучиво затоа што тоа го бараа самите тие, поради консултации со нивните професори пред полагањето на матурскиот испит.Но,доколку сметаат дека може да го полагаат матурскиот испит без оваа консултација, може да останат дома во ова време, да работат индивидуално, но мора да го известат директорот на училиштето пред 11 мај, за да може да се планира обезбедување социјална дистанца за оние кои ќе одат на училиште, објасни Шахини.
За време на полагањето на матурата ќе се дозволува присуство на 10-12 до максимум 15 ученици,за што ќе се користат и објекти на основни училишта.
Наставата од далечина за сите учениците од деветолетките и средните училишта, ќе продолжи до 29 мај кога и завршува учебната година или две недели порано од вообичаено.