ВМРО-ДПМНЕ и Игор Јанушев повторно со манипулации и тенденциозни информации сакаат да создадат лажна слика кај јавноста, но забораваат дека граѓаните добро паметат дека токму тие и нивниот ментор од Будимпешта Никола Груевски безочно ги трошеа и се расфрлаа со народните пари.
Јавноста многу добро памети кои министри и функционери од тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, трошеле илјадници евра на ручеци и вечери, како од службени картички пазарувале гардероба, храна и пијалоци за лични потреби.
Денес, ВМРО-ДПМНЕ се обидува со лаги и дезинформации да ги излаже граѓаните, за наводни трошоци за храна и тоа во услови кога поради здравствената криза рестораните во Владата, Собранието и другите институции не работат.
Станува збор за редовна набавка со која се опслужуваат Владата, Собранието, Претседателот на државата, Клубот на пратениците…, вклучително и сите странски претставници на бројните делегации кои доаѓаат во официјални и работни посети, а количините се определуваат во согласност искуствата од претходните години.
Но, она што ВМРО-ДПМЕ заборава да го каже е дека плаќањето е сукцесивно и дека она што нема да се потроши, нема да се плати.
Поради здравствената криза се очекува трошоците оваа година да бидат значително помали, а Владата мора да создава услови државата и институциите да се вратат во нормала.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која беше позната по масовната злоупотреба на државните ресурси, Владата предводена од СДСМ одговорно, транспарентно и отчетно се однесува кон народните пари. Парите за непродуктивни трошоци се драстично намалени, а трошењата од службените картички на фунцкионерите се сведени на минимум.
ВМРО-ДПМНЕ со години беше симбол на расипништво, а денес е симбол на лажни вести и затоа со лаги и манипулации сакаат да го сокријат фактот дека повторно се обидуваат да избегаат од избори и се плашат да се соочат со граѓаните, бидејќи знаат дека на погрешната страна.