„На многумина конечно им станува јасно дека Република Бугарија, потпишаниот договор за добрососедство го замислува како капитулација пред великобугарските соништа.Глас за Македонија од почетокот ја предупредуваше јавноста дека и Преспанскиот и договорот со Република Бугарија не се крај, туку се само вовед во непристојни уцени. Одејќи по тој пат, ќе го изгубиме и последниот атом на идентитет, јазик, култура и историја“, се вели во соопштението.
Според Глас за Македонија, одбивањето на претседателот на државата да го разреши советникот за надворешни работи Денко Малески, јасно ја кажува позицијата на оваа Влада. Тој е пуштен само како пробен балон за да се напипа реакцијата на македонскиот народ, на „креативната“ реализација на потпишаниот договор.
„Молкот на Владата за најновите уцени е неприфатлив. Бараме јасно и гласно да каже дали ќе прифати дека нема македонски јазик туку јазик на ‘Република Северна Македонија’, дека не постои наше малцинство во Република Бугарија, дека на Република Бугарија ќе и го даде ексклузивното право врз најсветлите личности од нашата историја?
Молчи и ЕУ. Европската Унија која дозволи и дозволува и натаму газење на основните човекови права и уцени на еден народ, никому не му е потребна. Ваквата ЕУ која ги крши сопствените конвенции и принципи, е одметната организација од слободната Европа чии идеали ги споделува македонскиот народ.Глас за Македонија бара од Владата веднаш да ги отфрли неразумните барања на Република Бугарија и гласно да каже дека ова е сосема неприфатливо“, се додава во соопштението.