Мнозинството дански муслимани сметаат дека треба да биде нелегално да се критикува исламот

Дури 76 отсто од имигрантите и нивните потомци од муслиманските земји, како Турција, Либан, Пакистан и Сомалија, сметаат дека треба да биде нелегално да се критикува исламот, покажала студијата „Слобода на говорот во Данска“ на данското Министерство за правда.

Извештајот на повеќе од 800 страници бил нарачан од поранешниот министер за правда, Сорен Папе Поулсен, во 2017 година и биле потребни три години за негово составување. За споредба, само 18 отсто од данската популација на возраст од 16 до 74 години го имаат истото мислење.

Руне Стубагер, професор по политички науки на Универзитетот во Архус и член на Комисијата за слобода на изразување, тврди дека има основа за подобрување на разбирањето на слободата на изразување во одредени групи.

„Образецот покажува дека меѓу имигрантите од четири држави и нивните потомци постои значително помала поддршка за слободата на говорот“, рече Стубагер за весникот „Берлинске“.

Интересно е што имигрантите од Шри Ланка и Виетнам имаат ставови што се приближно во согласност со општата популација.

„Не знаеме што ги прави луѓето од четирите муслимански земји да имаат порестриктивни ставови, но споредбата со Шри Ланка и Виетнам укажува на тоа дека да се биде имигрант само по себе не е причина“, потсетува Стубагер.

Тој истакна дека и некои етнички Данци веруваат дека треба да биде незаконски да се критикува исламот. Резултатите од истражувањето се загрижувачки и го налутија данскиот министер за имиграција и интеграција, Матијас Тесфаје.

„Има луѓе кои дојдоа во Данска да уживаат во нашиот просперитет и безбедност, но кои не признаваат дека тие се засноваат на некои слободи, како што е слободата на говорот“, рече Тесфаје за „Јиландс-Постен“.

Според него, критиката кон моќта е предуслов Данска да биде добро функционирано општество.

„Можеме да ги критикуваме политичарите, религијата и владетелите од секаков вид. Никој не е ослободен од критики“, додаде тој.

Во интервју за „Берлинске“, Тесфај рече дека овие луѓе не успеале да ја разберат суштината на Данска, додавајќи дека тој, за жал, не е шокиран од тоа.

„Со текот на годините, станува сè појасно дека приспособувањето на луѓе од една култура во друга е потешко отколку што се мислело. Затоа ние сме во повеќедецениска битка на вредности што не можевме да ја замислиме кога ја отворивме границата кон крајот на ’60-тите години. Денес само треба да признаеме дека задачата е далеку поголема и далеку поважна отколку што тогаш се мислеше“, вели Тесфаје.

Тој истакна дека мисијата на Данска е да ги убеди имигрантите да ги напуштат претходните убедувања и да ги прифатат данските и западните, повикувајќи ги имигрантите кои не ги почитуваат данските вредности да ја напуштат Данска.

Треба да знаете
Последни објави