МНР ќе го повика на консултации генералниот конзул во Минхен поради содржина на објава на Фејсбук

Генералниот конзул на земјава во Минхен, Реџеп Демири ќе биде повикан на консултации во Министерството за надворешни работи, поради содржина на негова објава на Фејсбук, соопшти денеска МНР.

– Во врска со објавата на Фејсбук со содржина која се коси со Законот за надворешни работи и етичкиот кодекс на дипломатите, Генералниот конзул во Минхен ќе биде повикан на консултации во Министерството за надворешни работи веднаш штом се создадат услови за патување, кои во моментов се отежнати со оглед на пандемијата, објави МНР на официјалниот Фејсбук профил.

МНР наведува дека консултациите ќе бидат во насока на испитување на околностите за утврдување евентуална одговорност врз основа на дисциплинска постапка.

Демири завчера го честиташе денот на „ослободувањето“ на Слупчане и Карадакун.

-Стотици војници на националната ослободителна армија – заземаа точки за да ја заштитат албанската татковина, права и здив насекаде.Засекогаш во нашите сеќавања, маченици на нацијата.Слава им, напиша конзулот на постот кој набргу беше избришан.

Треба да знаете
Последни објави