Потпретседателот на САД: Згрешив што не носев маска при посетата на клиниката

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, во неделата рече дека направил грешка што не носел заштитна маска за време на посетата на Клиниката во Минесота минатиот месец.

Поради неговата одлука да не се носи маска, Пенс беше на мета на критичарите кои го обвинија дека ги поткопува напорите да се забави ширењето на коронавирусот, што предизвика повеќе од 67.000 смртни случаи во Соединетите држави.

Пенс за „Фокс њуз“ изјави дека и покрај тоа што мислел дека не загрозува никого, тој сепак требал да носи маска за време на посетата на клиниката.

„Не мислев дека е неопходно, но требаше да носам маска на Клиниката Мајо“, рече Пенс, кој е на чело на работната група за коронавирус во Белата куќа.

Клиниката ги замоли сите пациенти, посетители и персонал да носат маска за да спречат ширење на ковид-19.

За време на делот од посетата што беше отворен за медиумите, беше очигледно дека сите освен Пенс носат маска. Тој подоцна рече дека одлуката ја засновал врз фактот што секојдневно се тестира за коронавирус.

На почетокот на април, Американскиот центар за контрола на болести препорача здравите луѓе без симптоми да носат маски во јавноста.

Откако ја објави таа препорака, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека мерката е доброволна и дека тој нема да носи маска.

Треба да знаете
Последни објави