Пребегнати Севернокорејци се извинија поради шпекулациите за Ким

Поранешниот севернокорејски дипломат Тае Јонг-хо се извини што рекол дека претседателот Ким Џонг-ун веројатно е толку болен што не може да застане на нозе, пренесе „Ројтерс“.

Неколку дена пред да се појави фотографијата на претседателот од јавен настан, некои поранешни високи функционери на Северна Кореја кои пребегаа во Јужна Кореја шпекулираа дека претседателот е сериозно болен, а можеби дури и мртов.

Еден од нив е Тае Јонг-хо, поранешен заменик-амбасадор на Северна Кореја во Велика Британија, кој пребега во Јужна Кореја во 2016 година и беше избран за пратеник минатиот месец.

„Свесен сум дека една од причините поради кои многумина гласавте за мене како пратеник е да давам точни анализи и проекции за прашањата за Северна Кореја“, рече Тае во изјавата.

„Чувствувам вина и голема одговорност“, изјави тој и додаде: „Без оглед на причините, им се извинувам на сите“.

Севернокорејскиот претседател не се појави во медиумите веќе три недели, предизвикувајќи голем број шпекулации и прашања. Но, севернокорејските медиуми вчера објавија фотографии и видеа на кои се гледа како претседателот сече црвена лента на церемонијата по повод отворањето на фабрика за ѓубриво.

Друг пратеник што избега од Северна Кореја во Јужна Кореја, Ји Сеонг-хо, рече дека чувствува одговорност бидејќи во интервју за медиуми рекол дека е 99 проценти сигурен дека Ким починал по операцијата на срцето.

Тој изјави дека ќе биде повнимателен во иднина.

Треба да знаете
Последни објави