Георгиевска: Американската Гимназија Скопје беше пионер во однос на хибридната настава

Како главна академска координаторка на Американската Гимназија Скопје, може ли да ни кажете како се одвива наставата во училиштето во ситуација на криза?

Менаџментот и директорката на АХСС Гимназија реагираше неверојатно брзо и ефикасно. Дури сега, откако поминаа месец и половина, станавме свесни колку сме биле организирани и подготвени за промени. Реално сметам, следејќи ја ситацијата и во други гимназии, дека бевме пионери во однос на хибридната настава. Наставниците сосем подготвени ја дочекаа транзицијата и почнавме со најнормална настава уште веднаш. Наставата од 16 март се одвива без никаков застој. Учениците имаат активни часови, со класични предавањеа онлајн вежби, усни прашувања, тестови и домашни работи.

Како учениците и нивните родители го прифатија концептот на хибридна настава? 

Нашите ученици се одлично адаптирани во работата со компјутери – како гимназија, имавме и претходно онлајн настава по математика и физика, користевме MOODLE како платформа за работа, работевме со видеа, онлајн материјали, па воопшто не им беше тешко да го сфатат едноставниот систем на Webex, со кој работиме од прв ден. Нивните родители добиваат мејли со известувања, а соработката меѓу целата наша АХСС заедница е многу зацврстена. Самиот факт што немаме физички контакти и разговори, влијаеа на тоа да ја зацврстиме комуникацијата со сите можни технолошки средства. Родителите целата ситуација ја прифатија како неминовност и единствен начин да се продолжи со образованието на нивните деца. Како Гимназија, се потрудивме да обезбедиме сѐ што може во наш домен, а од комуникацијата со нив се гледа дека се многу задоволни и од кадарот, и од наставата. Нашите ученици се присутни на наставата, активни се на часовите, читаат дела и изработуваат задачи. Имаат класичен учебен ден со часови и работа, што значи дека не го губат времето и се апсолутно вклучени во сопствената надградба и усовршување.

Како се изврши промената и префрлувањето кон онлајн настава? Дали беше потребен период на адаптација или обука? 

Како што спомнав, транзицијата беше извршена, може слободно да се рече, во трка со времето. Целата настава во државата прекина на 12 и 13 март, во кој период нашиот менаџмент и луѓето од IT секторот обезбедија голем број лиценци од Webex Cisco, а во само еден ден, на 14ти, имавме обука за онлајн настава и веќе на 16 март започнавме со најнормална, вообичаена, според стариот распоред – настава. Верувам дека е така поради напредниот стил на работа на Гимназијата, која од самиот почеток се стреми да биде атрактивна, автентична и поинаква – да има современ и свеж пристап кон едукацијата и техниките на предавање на знаењето.

Имајќи предвид дека работите со тинејџери, може ли да ни кажете како одржувате дисциплина онлајн? Како им го задржувате вниманието на децата?

На почетокот, сите имавме предубедување дека онлајн предавањата ќе бидат понеуспешни, ќе немаме директна контрола на однесувањето, ќе измислуваат нови тин-оправдувања. За многу кратко време изготвивме Правилник на однесување за време на онлајн настава и го споделивме со родителите и учениците, со цел да обезбедиме рамки и норми на однесување. Сакавме да си го задржиме нивото и сериозноста на часот и покрај тоа што сите го одржуваме во домашна атмосфера.Тоа ни помогна да воспоставиме насоки, кои денес се следат без проблеми. Самата ситуација, која сѐ уште трае, им наметна сериозност на учениците. Пред нив има нова реалност за која не беа подготвени, еден глобален проблем на човештвото кое ги засега и нив лично, се случува транзицијата на свеста и промена на системите на вредности на цивилизација. Не гледаат СФ филм за дистопија, туку го живеат, прилагодувајќи се и учејќи нешто ново, кое можеби повторно ќе им треба. Оваа состојба создаде одбранбен механизам и начин на преживување, па сега спонтано развиваат повисоко ниво на свест и одговорност, со кое пореално гледаат на светот.

Кои се вашите размислувања за иднината на образованието? Како очекувате да се развива наставата?  

Согласно препораките на МОН, ќе ја следиме целокупната ситуација во земјата, очекуваното намалување на бројот на заболени и враќањето во училишните клупи би требало да се очекува на самиот почеток на јуни, освен ако немаме нови пикови на заболени, поради што училишната година би ја завршиле онлајн.

Нашата гимназија се подготува за наредната година со многу активности. Нѐ очекува период на тестирање на кандидатите за стипендии во мај – па така, до крајот на јуни ќе имаме стипендисти за 2020-2021. Со оглед на нашите активности околу акредитирањето и посетата на Директорот за меѓународна акредитација од WASC, oчекуваме потврден одговор и почнување со летни подготовки за АП програма. Наш голем успех е и поддршката од Агенцијата за размена на ученици YES, која е многу задоволна од нашето работење и сака и понатаму да соработува, информирајќи нѐ дека со почетокот на новата учебна година ќе добиеме нови  ученици од Америка во размена.

 

Треба да знаете
Последни објави