Темни прогнози на австрискиот канцелар: Курц вели дека вториот бран е реално сценарио

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека вториот бран на епидемија на коронавирусот е реално сценарио, додавајќи дека прашањето е дали државата ќе успее да ја задржи ситуацијата под контрола, односно да ја ограничи инфекцијата регионално и брзо да ги изолира заразените или, пак, ќе дојде до експоненцијален раст.

Курц во интервју за швајцарски „Блик“, на прашањето дали Австрија се враќа премногу брзо во нормалниот живот или, пак, другите земји го прават тоа премногу бавно, рече дека ситуацијата во секоја земја е поинаква.

„Дејствувавме брзо и рестриктивно и сега можеме побрзо да одиме во насока на отворање. Сепак, ова го правиме со претпазливост, затоа што мора постојано да ги следиме броевите и да спречиме да дојде до појава на втор бран“, објасни тој.

На прашањето како Австрија презеде акција толку брзо и сега се движи кон отворање, Курц рече дека бил во контакт со азиските земји кои претходно минале низ кризата и дека Австрија учи од нив.

„Целта беше јасна – да се реагира брзо и цврсто за да се спречи ширењето, а потоа брзо да се вратиме кон нормалноста и да се крене земјата“, нагласи тој.

Денес, додаде тој, се покажа дека раната реакција го спречила најлошото.

Курц истакна дека не мери меѓу здравството и економијата, бидејќи колку повеќе беснее болеста, толку е тоа полошо за здравјето и за економијата.

Тој рече дека Австрија ќе биде претпазлива во подигањето на економијата, бидејќи повторното затворање би било најлошо за економијата.

Исто така посочи дека отворањето на првите продавници немало негативни последици по бројот на инфекции, кој сè уште е под 100 дневно.

На прашањето кога Швајцарците ќе можат повторно да одат на одмор во Австрија, Курц одговори дека ова може да се процени во наредните недели.

Прашан за последиците од коронавирусот за ЕУ, тој изрази надеж дека Европа ќе излезе посилна од кризата.

Треба да знаете
Последни објави