Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, изјави дека властите уапсиле двајца американски државјани во групата платеници кои вчера беа заробени.
Мадуро откри дека Американци кои работат за безбедносната служба на американскиот претседател, Доналд Трамп, биле меѓу платениците кои влегле во земјата. Тој покажа два сини американски пасоши, читајќи ги имињата и датумите на раѓање.
Тој покажа и фотографии од рибарски чамци што платениците ги возеле и опрема како воки-токи и двогледи за ноќно гледање запленети во интензивната акција. Мадуро за нападите ги обвини администрацијата на Трамп и Колумбија, кои негираа вмешаност.
„Владата на САД е целосно вклучена во оваа неуспешна акција“, рече Мадуро, пофалувајќи ги жителите на рибарското село кои ја опколиле групата во која биле и професионалните американски платеници.
Властите велат дека првиот напад бил во неделата пред зори на една плажа во близина на Ла Гваира, кога полицијата уапсила двајца и убила осум други платеници кои се обиделе да влезат во земјата со глисери.
Двајцата уапсени американски државјани се Лук Денман и Ејран Бери, двајцата поранешни војници на Специјалните сили на САД.
Поранешниот припадник на „зелените беретки“, Џордан Гудро, претходно во понеделникот изјави дека соработувал со двајцата уапсени Американци на мисија чија цел била да го приведат Мадуро и да ја ослободат Венецуела. Гудро ја презеде одговорноста за операцијата.

И двајцата служеле во Ирак и Авганистан заедно со него во американската војска, вели Гудро, потврдувајќи дека биле дел од оваа наводна мисија во Венецуела наречена „Операција Гидеон“. Целта на мисијата била да се зароби Мадуро.
Венецуела и САД ги прекинаа дипломатските врски лани во услови на засилени тензии, така што во Каракас нема американска амбасада. Официјални лица од американскиот Стејт департмент не одговорија во понеделникот на прашањата на „Асошиејтед прес“ за коментар.
„Се обидов да ги ангажирам сите што ги познавам на секое ниво. Никој не ми одговара на повиците. Ова е кошмар “, рече Гудро за обидот да им помогне на своите притворени колеги.
Гудро вели дека потпишал договор со лидерот на опозицијата поддржан од САД, Хуан Гваидо, за соборување на Мадуро, што Гваидо го негираше и рече дека нема никаква врска со нападот во неделата.
Гудро тврди дека Гваидо никогаш не го исполнил договорот, но тој сепак ја продолжил недоволно финансираната операција со само 60 борци, меѓу кои и двајцата уапсени американски ветерани.
Тој рече дека последен пат комуницирал со Денман и Бери кога се ка;иле на глисерот покрај карипскиот брег на Венецуела. Тие сè уште биле во својот брод по првичното соочување со венецуелската морнарица рано во неделата.
„Тие беа при крај со горивото. Чекале брод со гориво за итни случаи на Аруба за да им помогне во извлекувањето. Ако стигнеа на копното, требаше да се сместат во една безбедна куќа“, рече Гудро.
Државната телевизија во Венецуела прикажани фотографии на неколку неидентификувани мажи со лисици на рацете, а еден видеоклип покажа уапсен маж без маичка. Тој беше идентификуван како капетанот на Националната гарда, Антонио Секеа, кој учествувал во бунтот во касарната против Мадуро пред една година. Гудро рече дека Секеа работел со него на терен во Венецуела.

Гудро вели дека помогнал во организирањето на смртоносната поморска операција од Колумбија, но тврди дека операцијата не добила никаква помош од Гуаиди ниту од американската или колумбиската влада. Тој рече дека 52 други борци се инфилтрирале во територијата на Венецуела и биле во првата фаза од мисијата да регрутираат припадници на безбедносните сили за да им се приклучат на каузата.
Сојузникот на Мадуро и државен јавен обвинител, Тарек Вилијам Сааб, изјави дека вкупно уапсиле 114 лица осомничени за обидот за напад, а во потрага се по 92 други. Опозициските политичари и американските власти изјавија дека сојузниците на Мадуро го измислиле нападот за да го одвлечат вниманието од проблемите на земјата.
Истрагата на АП, објавена во петокот, откри дека Гудро соработувал со пензиониран генерал во војската на Венецуела – кој сега се соочува со обвиненија за дрога – за обука на десетици дезертери од безбедносните сили на Венецуела во тајните логори во соседна Колумбија. Целта била да се организира прекуграничен напад кој ќе заврши со апсење на Мадуро.



