Откриена измама вредна милион евра на грчка научничка

Грчки универзитет е во центарот на истрагата за измама тешка 1,1 милиони евра спроведена од страна на Европската канцеларија за спречување измами (ОЛАФ), пренесува „Спутник“.

Од ОЛАФ велат дека грчката научничка користела мрежа на меѓународни истражувачи за да извлече пари од грантот од 1,1 милиони евра што Извршната агенција на Европскиот истражувачки совет (ЕРЦЕА) му ја додели на еден грчки универзитет.

Тие рекоа дека парите требало да ги искористи надежен млад научник за да се спроведе проект во кој учествуваат 40 истражувачи од целиот свет.

Но, кога ОЛАФ го разгледувал проектот, забележале дека научничката што го водела проектот – чиј татко работел на универзитетот – пишувала чекови за индивидуални истражувачи, но тие биле депонирани на банкарски сметки со повеќе корисници.

Од ОЛАФ велат дека научничката се обидела да ја спречи дигиталната форензичка истрага, но грчките власти обезбедиле пристап до банкарските сметки, што им овозможило на истражителите да ја откријат измамата. Според ОЛАФ, научничката се назначила себеси за сокорисник на сметките за да добие пристап до парите што наводно им биле исплатени на истражувачите.

​ Прашан за коментар за скандалот, генералниот директор на ОЛАФ, Виле Итала, рече:

„Обемот на мрежата на истражувачи наводно вклучени во овој проект претставуваа вистински предизвик за иследниците на ОЛАФ. Нивната можност за пристап и верификување на сметките отворени за наводно да се плаќаат истражувачи од целиот свет беше клучен елемент за да се дојде до крајот на овој обид за измама на буџетот на ЕУ – и тоа може да има значителни штетни последици врз угледот на искрените истражувачи чии имиња беа искористени како дел од обидот за измама“.

Европската Унија сега бара да си ги врати досега искористените 190.000 евра. ОЛАФ одби да ги именува научничката или универзитетот вклучени во скандалот.

Треба да знаете
Последни објави