Докторката од Куманово, Гордана Николиќ, која пред повеќе од еден месец на нејзиниот профил на Фејсбук напиша дека има коронавирус, денеска соопшти дека веќе и на вториот брис е негативна на Ковид-19.
Таа првиот негативен брис на Ковид-19 го добила на 3 мај, а денеска и вториот. Во меѓувреме, на сите тестови за Ковид-19, резултатот бил позитивен.
„И конечно и вториот брис е негативен ! 44 дена поминаа од 23 ти март, до денес. Денес е 05.05….и конечно успеав да се ослободам од вирусот Ковид 19 .Мора да биле во голем број вирусите , мора да биле лоши , затоа што ми ги нападнаа белите дробови, но за “cреќа ” успеав да поминам ” само со пневмонија.” Среќа во несреќа , затоа што вирусот е една голема непознаница и за оние кои го истражуваат. Сега ќе можам да излезам слободно да подишам чист воздух , затоа што не може на тераса да се пешачи, а е потребно за комплетно заздравување на белите дробови“, напиша докторката на Фејсбук.
Таа им се заблагодари на сите лекари, сестри и останати здравствени работници кои и помогнале во нејзината борба со вирусот. Благодарна е и на нејзините роднини и пријатели кои и испраќале храна и цвеќиња.
„Благодарам до моето пошироко семејство и особено на потесното, на сестра ми која го понесе најголемиот товар и на син ми кој ми беше и најсилниот мотив да се изборам во оваа битка“, напиша докторката.
Таа во изминатите недели редовно ги информираше нејзините следбеници на Фејсбук за нејзината состојба и за тоа како ги минува деновите во изолација.



