Серијата статии на „Њујорк тајмс“ во кои се критикува Русија и кои ја добија Пулицеровата награда во понеделникот, се русофобни измислици кои му штетат на угледот на весникот, напиша Руската амбасада во САД на својата страница на Фејсбук, пренесува ТАСС.
„Пред три години наградата Пулицер му беше доделена на „Њујорк тајмс“ за демонизација на Русија. Одборот на наградата презема голема одговорност, истакнувајќи на овој начин антируски материјали со изјави кои постојано се демантирани не само од руските власти, туку и од животот“, велат од амбасадата.
„Ако постои некаков голем ризик, како што тврдат, тоа се однесува само на угледот. Оваа серија статии за Русија на „Њујорк тајмс“ ја сметаме за колекција на неразблажени русофобни измислици кои можат да се изучуваат како упатство за создавање лажни факти“, посочија руските дипломати.
Според веб-страницата на Одборот за доделување на наградата Пулицер, персоналот на „Њујорк тајмс“ ја доби наградата Меѓународно известување за серијата статии за наводните незаконски дејства на Русија, напишани често под ризик.
„Њујорк тајмс“ на својата веб-страница напиша дека одборот ја доделил наградата за деталниот опис на операциите за влијание на Русија во странство во годините по нејзините напори за дезинформација на претседателските избори во САД во 2016 година.
Официјалните претставници на Русија многупати ги отфрлија овие обвиненија.



